КАЖАЛ „БОМБА“ ПРЕД ПОЛЕТУВАЊЕ, ДОШЛА ПОЛИЦИЈА Драма во авионот на „Ер Србија“ во Сплит
Кога патник од авионот ја прашал стјуардесата зошто полиција извела човек од авионот, таа му рекла дека човекот го спомнал зборот „бомба“. Во меѓувреме патниците почнале да го напуштаат авионот.
Еден збор бил доволен за да го запре полетувањето на авионот на „Ер Србија“ од Сплит за Белград – „бомба“. Полицијата привела патник, а останатите патници биле евакуирани од авионот поради безбедносна проверка.
Инцидентот се случил во понеделникот попладне, непосредно пред летот кој бил закажан за 15:20 часот.
Патникот Винко Паиќ раскажал дека авионот веќе бил на пистата кога забележал полициско возило, а потоа во кабината влегле неколку полицајци – дел во униформа, дел во цивилна облека.
– Видов полициско возило низ прозорецот до авионот. Тие изнесоа еден господин со седа коса кој седеше во третиот или четвртиот ред – рече Паиќ.
Патниците во тој момент не знаеле што се случува. Паиќ ја прашал стјуардесата зошто полицијата го извела човекот, а таа му дала краток одговор:
– Тој го спомна зборот „бомба“.
Неколку патници, исплашени од случувањата, почнале да го напуштаат авионот по сопствена иницијатива.
Околу 15:40 часот се огласил и пилотот, кој ги известил сите во авионот дека мора да излезат за да биде извршена безбедносна проверка.
Полицијата го привела патникот, а сите останати биле евакуирани од авионот.