Сенката на АИ паѓа и врз Нобеловците

Се чини дека повеќето европски писателски организации не се категорично против употребата на АИ како алатка. Тоа што најчесто се прифаќа е правописна корекција, преведувачка помош, истражување, како и организација и селекција на белешки. Од друга страна, она против што се реагира е кога генеративниот систем создава текстови што директно конкурираат на авторите и кога е трениран врз нивни дела без дозвола. Се реагира и кога не постои начин авторот да биде обештетен.

1

Познатата полска пшисателка, Олга Токарчук, добитничка на Нобелова награда за литература во 2018 година, предизвика гнев откако откри дека користи вештачка интелигенција (АИ) за „проширување на своето креативно размислување“. Но, иако полската авторка изнесе уверувања дека ниту една од нејзините книги не е напишана од вештачка интелигенција, тоа не ја смири жолчната дебата околу нејзиното „признание“.

Дали на Олга Токарчук можеби треба да ѝ се одземе Нобеловата награда? Тоа беше една од реакциите на очигледно шокираните читатели и критичари, откако писателката на конференција во Познањ рече дека ја гледа технологијата на вештачката интелигенција како корисна алатка во нејзиното пишување. Токарчук е, всушност, само уште еден автор експониран во сè поинтензивната дебата за соодветноста да се користи вештачката интелигенција во уметничкото творештво.






Во Европа, во најширок контекст, проблематиката поврзана со влијанието на АИ врз литературата, како и етичките прашања околу генеративната вештачка интелигенција и заштитата на авторските дела од АИ модели, постојано добива нови димензии.

Во основа, фокусот врз централното прашање не е „дали АИ треба да постои“, туку дали АИ компаниите смеат да користат милиони книги за тренирање модели без дозвола, без надомест и без транспарентност? Голем број европски писателски организации активно работат со ова прашање.

Посебно се издвојуваат напорите и заложбите на Европскиот писателски совет (European Writers’ Council, EWC), со седиште во Брисел, како најголема европска федерација која ги штити професионалните интереси на авторите и книжевните преведувачи. Организацијата обединува повеќе од 250.000 писатели и преведувачи од 34 држави, а во нејзиниот состав членува и Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ).

Во 2025 година Европскиот писателски совет усвои заедничка декларација против неовластеното користење книги за тренирање генеративни модели, при што се инсистира на три принципи: авторизација (дозвола од авторот), надомест (плаќање за користење) и транспарентност (објавување што е користено за тренирање). Во повеќе соопштенија на Советот директно се нагласува загриженоста дека модели како Чет ЏиПиТи (ChatGPT) и Клод (Claude) биле развивани врз огромни колекции книги преземени без согласност на авторите.

Прашањето всушност се изострува преку барањето АИ компаниите да објават листа на делата користени за тренирање. Поголем број писателски организации во европски земји тврдат дека денес авторите често не можат ни да дознаат дали нивните книги биле вклучени во датасети (dataset) за тренинг, преку пребарување, обработка, филтрирање или складирање на податоци. Затоа се бара воведување законска обврска за документација и за јавна транспарентност.

Особено е интересен и фактот дека некои писателски и издавачки организации не бараат забрана на АИ-книги, туку нивно јасно означување, така што, како законско решение се заговара книгите создадени со генеративна АИ да бидат така означени. АИ-генерираните текстови притоа да не се третираат автоматски како авторски дела во класична смисла, а со што на читателите би им се овозможува да знаат дали читаат човечки или машински создаден текст.

Сето тоа значајно ги заострува дилемите поради кои многумина автори се загрижени не само за копирање на конкретни реченици, туку и за можноста моделите да го имитираат нивниот книжевен стил. Внимание привлече истражување кое покажа дека специјално дообучени модели можат убедливо да имитираат стилови на познати автори. Тоа, се разбира, дополнително ја засили дебатата за тоа дали „авторскиот глас“ треба да добие посебна правна заштита.

Но, за волја на вистината, се чини дека повеќето европски писателски организации не се категорично против употребата на АИ како алатка. Тоа што најчесто се прифаќа е правописна корекција, преведувачка помош, истражување, како и организација и селекција на белешки. Од друга страна, она против што се реагира е кога генеративниот систем создава текстови што директно конкурираат на авторите и кога е трениран врз нивни дела без дозвола. Се реагира и кога не постои начин авторот да биде обештетен.

Во САД веќе постои ознака „Human Authored“, преку која авторите можат да потврдат дека делото е создадено од човек, а не од АИ. Таа иницијатива внимателно се следи и во европските книжевни кругови како можен модел за иднина.

Шведскиот сојуз на писатели, на пример, активно работи на обезбедување авторски права и заштита на делата на своите членови од неовластена обука за вештачка интелигенција и преводи генерирани од вештачка интелигенција. Таквите напори се всушност израз на силна поддршка на заложбите на Данската алијанса за права, која зазема цврст став за транспарентност и разумни услови за лиценцирање.

Во тек се и разговори со Шведското здружение на издавачи за задолжително етикетирање на книги преведени со вештачка интелигенција, за да се заштити квалитетот на преведувачката работа. Сојузот на пведските писатели, во чиј состав и литературните преведувачи се членови, неодамна достави анкета до своите членови, меѓу другото со прашања во колкав обем се користат АИ-алатките за превод на книги. Резултатите покажуваат дека нешто повеќе од педесет отсто од литературните преведувачи на еден или друг начин ги користат моделите на вештачката интелигенција.

Но, на ниво на творечка исклучителност и уникатност, сосема е разбирливо дека прашањето достигнува ново ниво кога за вештачката интелигенција зборува Олга Токарчук, моментно најголемата полска современа книжевна ѕвезда, чии книги се продадени во милиони примероци и се преведени на 40 јазици. Особено затоа што нејзините зборови се протолкувани како да значат дека таа би била отворена за романи генерирани од вештачка интелигенција и можеби дури дека наводно и ги напишала своите книги со помош на вештачка интелигенција.

Затоа, вреди да се слушне што навистина кажала Нобеловката, бидејќи тогаш станува јасно дека била погрешно протолкувана. Токарчук, впрочем, самата ги бранеше своите изјави за вештачката интелигенција на социјалните медиуми, објаснувајќи дека „забелешките дадени пред публика во живо на јавен настан можат да бидат погрешно разбрани“. Писателката негира дека ја напишала својата најнова книга, или која било претходна книга, со помош на вештачката интелигенција.

„Сепак“, вели таа, „јас ја користам вештачката интелигенција според истите принципи како и повеќето луѓе во светот – како алатка што овозможува побрзо документирање и проверка на фактите. А потоа дополнително ги проверувам информациите. Исто како што правев тоа со децении, читајќи книги и истражувајќи библиотеки и архиви“.

Вештачката интелигенција, очигледно, не може сега, ниту, пак, ќе може да биде отфрлена во иднина. Едновремено, во наш поблизок контекст, станува јасно дека европската книжевна сцена е неколку чекори понапред во институоналната дебата околу оваа серизона проблематика, во споредба со Македонија. Би било интересно да се погледне малку одблиску во колкав обем овие прашања го засегаат Друштвото на писателите на Македонија, и македонските издавачи, во заложбите за заштита на авторскиот труд и квалитетот на литературните преводи, кои, за жал, веројатно се често вештачки генерирани и се сомнително веродостојни.

Кога ќе купите некоја таква книга или учебник, склепан набрзина, не ви треба многу време за да се прашате за што всушност сте ги фрлиле парите.

Поврзани содржини