СДСМ: Од државотворна партија до политичка урнатина – хроника на едно самоуништување (Прв дел)

Најголемата заблуда би била кризата да се сведе само на Венко Филипче или на непосредно претходниот претседател Димитар Ковачевски. Тие се повеќе последица отколку основна причина за пропаѓањето. Проблемот започна многу порано и тоа во моментот кога СДСМ престана да гради институционален механизам за избор и создавање лидери, а започна да произведува наследници зависни од своите претходници.

92

Она што денес се случува во СДСМ не претставува вистинска идеолошка, програмска или политичка дебата за иднината на македонската левица. Не се судираат различни концепции за социјалната правда, работничките права, даночната политика, јавното здравство, образованието или заштитата на најсиромашните слоеви. Не се расправа ниту за причините поради кои партијата ја загуби поддршката од своето традиционално членство.

Се води персонална битка за тоа кој ќе управува со она што остана од СДСМ.






Едните се претставуваат како единствени легитимни чувари на партијата, другите како спасители кои треба да ја ослободат од актуелното раководство. Наместо аргументи, се слушаат обвинувања за предавства, фракции, паралелни структури и обиди за преземање на партијата. Самото раководство јавно зборува за „ЗНАМ 2.0“, за луѓе кои сакале да го урнат СДСМ и за дебати што требало да се водат единствено во партиските органи.

Тоа покажува дека спорот не е околу тоа што треба да биде СДСМ, туку околу тоа чиј треба да биде СДСМ.

Падот не започна со Филипче

Најголемата заблуда би била кризата да се сведе само на Венко Филипче или на непосредно претходниот претседател Димитар Ковачевски. Тие се повеќе последица отколку основна причина за пропаѓањето. Проблемот започна многу порано и тоа во моментот кога СДСМ престана да гради институционален механизам за избор и создавање лидери, а започна да произведува наследници зависни од своите претходници.

Заминувањето на Бранко Црвенковски не беше само крај на една лидерска етапа, туку го разоткри и основниот проблем на СДСМ: зад долгогодишната доминација на еден човек не беше изграден силен партиски систем, туку организација зависна од неговиот авторитет, неговата кадровска мрежа и неговиот начин на управување.

Неговите наследници не успеаја да создадат поинаков и посовремен идентитет, но ниту целосно да се ослободат од политичкото наследство што ја држеше партијата заробена во лидерскиот модел.

Следуваа периодите на Владо Бучковски и Радмила Шекеринска – бледи и недоволно харизматични лидери, кои не успеаја да ја консолидираат партијата, да ѝ дадат јасен политички правец и да ја вратат довербата кај избирачите. Во нивно време продолжија изборните порази, внатрешните поделби и организациското слабеење. Од 60 пратенички места освоени од коалицијата предводена од СДСМ во 2002 година, партијата падна на 32 места во 2006 година, а во 2008 година коалицијата освои само 27 пратеници.

По изборниот пораз во 2008 година и повлекувањето на Шекеринска, партијата кратко ја водеше Зоран Заев како привремен претседател, сè до враќањето на Бранко Црвенковски во 2009 година. Враќањето на Црвенковски донесе делумно изборно закрепнување и 42 пратеници во 2011 година, но не и трајно решавање на кризата.

Така СДСМ постепено стана партија што чека спасител наместо организација што создава политика, кадри и општествена визија.

Заев го воскресна СДСМ, но истовремено го зароби

Не може да се негира дека Зоран Заев го извлече СДСМ од една од неговите најтешки политички состојби. На изборите во 2016 година коалицијата предводена од СДСМ освои 49 пратеници наспроти 51 на ВМРО-ДПМНЕ, а во 2017 година Заев успеа да формира влада. Во 2020 година СДСМ повторно победи, овој пат со тесно мнозинство од 46 пратеници наспроти 44 на ВМРО-ДПМНЕ.

Кадровска провинцијализација на партијата и пад на критериумите

 Заев го врати СДСМ на власт, но немаше капацитет да го обнови како модерна социјалдемократска партија. Наместо силни институции, изгради систем концентриран околу сопствената личност, своите најблиски соработници, локални центри на влијание и кругови на политичка и деловна лојалност.

Во времето на Зоран Заев, СДСМ постепено го загуби својот поранешен урбан, интелектуален и граѓански профил. Партијата што со децении се претставуваше како носител на модернизацијата, образованието и европските вредности, сè повеќе се претвораше во мрежа на локални функционери, градоначалници, директори и партиски активисти чија главна препорака беше личната лојалност кон лидерот.

Под рурализација на партијата (или, поточно ,,кадровска провинцијализација“) не треба да се подразбира омаловажување на луѓето што живеат или потекнуваат од внатрешноста на Македонија. Местото на раѓање и живеење не е ниту политичка ниту професионална мана. Проблемот беше во тоа што локалната припадност, блискоста со струмичкиот центар на моќ и поврзаноста со одредени регионални и деловни кругови сè почесто стануваа поважни од стручноста, политичкиот интегритет, образованието и јавниот авторитет.

Наместо да создава силни национални кадри со сопствено мислење, СДСМ произведуваше функционери зависни од лидерот и од неговата политичка заштита. Луѓето со критички став, интелектуална автономија и подолга партиска биографија беа потиснувани или маргинализирани, додека напредуваа оние што покажуваа послушност и подготвеност без приговор да ги спроведуваат одлуките на тесниот партиски врв. Паралелно со тоа, беше маргинализирано и т.н скопско крило, кое во партијата се поврзуваше со Бранко Црвенковски, со што СДСМ дополнително го загуби својот урбан, интелектуален и кадровски центар на тежина.

Така партијата постепено го загуби контактот со академската јавност, професионалните слоеви, урбаната средна класа и традиционалните социјалдемократски гласачи. Од политичка организација со поширока општествена мисија, СДСМ сè повеќе стануваше клиентелистичка структура во која функцијата и пристапот до државните ресурси беа главниот механизам за одржување на партиската лојалност.

Рурализацијата, според тоа, не беше географски, туку политички и кадровски процес. Таа значеше напуштање на меритократските критериуми и замена на знаењето, компетентноста и идеолошката припадност со лична блискост, локални врски и безусловна послушност кон лидерот. Партијата престана да биде колективен политички субјект и сè повеќе стануваше продолжена рака на лидерот.

Но персонализацијата на СДСМ не заврши само со кадровската и организациската доминација на Заев. Таа постепено се пренесе и врз односот на власта кон судството, обвинителството и институциите што требаше да ја гонат високата корупција.

Уште на почетокот од неговиот премиерски мандат, Заев беше ослободен од обвинението во предметот „Поткуп“, во јавноста препознатлив по снимката и изразот „едно евро за мене, едно за Вицето“. Стануваше збор за обвинение дека, како градоначалник на Струмица, побарал 160.000 евра од бизнисмен за продажба на градежно земјиште. Судот оцени дека обвинителството не успеало да го докаже делото, а Апелациониот суд подоцна ја потврди ослободителната пресуда.

Правосилната пресуда мора да се почитува и не може без докази да се прогласи за незаконска. Но начинот на кој заврши предметот, особено издвојувањето на посебните истражни мерки од доказниот материјал, остави политички сомнеж кај дел од јавноста дека новиот премиер многу брзо добил институционално растоварување од најсериозното обвинение што го следеше неговиот политички подем.

Заев дојде на власт ветувајќи дека ќе го ослободи судството од партиските тефтерчиња и од директната контрола што ја симболизираа објавените разговори на Гордана Јанкулоска, Сашо Мијалков и Никола Груевски. Во времето на ВМРО-ДПМНЕ јавноста слушна како судии и обвинители се бројат, распоредуваат и договараат како партиски кадри. Тоа беше груб, нескриен и примитивен модел на политичко управување со правосудството.

Во времето на Заев, меѓутоа, не се создаде доволно убедување дека системот навистина бил ослободен. Напротив, кај значаен дел од јавноста се зацврсти чувството дека старото тефтерче било заменето со пософистициран модел: политичка координација, селективна активност на обвинителството и судството, одолжување на чувствителните предмети и сомнежи дека одредени постапки можат да бидат изложени на неформално политичко влијание.

Особено штетен беше впечатокот дека судските предмети, амнестиите и кривичната одговорност понекогаш стануваат дел од пошироки политички преговори. Амнестијата за дел од обвинетите за настаните од 27 април 2017 година беше донесена во периодот кога власта го обезбедуваше потребното парламентарно мнозинство за уставните измени. Заев тврдеше дека нема тајни договори и дека станува збор за помирување и остварување стратешки цели, но временската поврзаност меѓу политичката поддршка и амнестијата остави длабоко сомневање дека правдата може да биде предмет на политичко пазарење.

Потоа следуваше и аферата „Рекет“, која не само што го уништи Специјалното јавно обвинителство, туку ја разори и надежта дека новата власт навистина ќе воспостави независен и неселективен систем за гонење на високата корупција. Институцијата што требаше да биде симбол на правдата заврши во афера во која нејзината прва обвинителка беше осудена за злоупотреба на службената положба.

Така, моделот на отворена партиска контрола од времето на претходната власт не беше заменет со вистински независно правосудство. Наместо тоа, се создаде перцепција за систем во кој влијанието е помалку видливо, но политичката координација, селективноста и заднинските договори продолжуваат да ја определуваат судбината на чувствителните предмети.

Токму тоа беше една од најголемите морални загуби за СДСМ. Партијата дојде на власт врз ветувањето за „нема правда, нема мир“, а заврши со јавност која сè помалку веруваше дека правдата важи еднакво за сите. Наместо да го демонтира заробениот систем, Заев остави впечаток дека го приспособил кон потребите на сопствената власт.

Преспанскиот договор – надворешен успех со висока домашна цена

Преспанскиот договор беше клучната точка во која раководството на Заев направи огромна разлика меѓу своите меѓународни амбиции и расположението на голем дел од домашната јавност.

Договорот го отвори патот кон членството во НАТО и беше силно поддржан од западните партнери. Но начинот на кој беше спроведен создаде длабока политичка рана во македонското општество.

На референдумот од 30 септември 2018 година излегоа 666.344 граѓани, односно 36,89 проценти од запишаните избирачи. Од страна на ДИК тој беше прогласен за неуспешен. Иако референдумот беше консултативен, недостигот од потребната излезност претставуваше јасно предупредување дека процесот нема доволно широк домашен легитимитет.

Наместо да ја разбере пораката и да бара поширок национален консензус, власта продолжи со уставните измени преку парламентарни договори и обезбедување двотретинско мнозинство.

За меѓународните партнери тоа можеби беше исполнување на стратешката цел. За голем број македонски граѓани, меѓу кои и традиционални гласачи на СДСМ, тоа беше доживеано како пренебрегнување на нивната волја, национално понижување и доказ дека партиското раководство повеќе води сметка за надворешните очекувања отколку за сопственото избирачко тело.

Политичката сметка не пристигна веднаш. Во 2020 година СДСМ сè уште успеа тесно да победи. Но довербата веќе беше нагризана, а незадоволството само се акумулираше.

(В понеделник, 13 јули, втор дел од колумната)

Поврзани содржини