ПО 20 ГОДИНИ ЗАСТОЈ СТАРТУВА ИЗГРАДБАТА НА АВТОПАТОТ СКОПЈЕ – БЛАЦЕ Мицкоски и Курти препознаа автопат кој ќе ги продлабочи економските врските меѓу двете земји
Премиерот Мицкоски го потенцира и фактот дека по долг период, прв пат македонска компанија ќе гради инфраструктурен објект во земјава.
Почетокот на изградбата на автопатот Скопје – Блаце според премиерот Христијан Мицкоски е историски зашто денеска таа станува реалност – почнува да се реализира иако, рече, повеќе од две децении проектот бил претставуван како „само што не почнал да се реализира“.
Тој рече дека проект бил меѓу приоритетите на Владата од нејзиното формирање пред 25 месеци.
– Ќе биде од особено значење за граѓаните на нашите две земји, Република Косово и Македонија, ќе значи подобро поврзување, подобар транспорт и размена, нешто што е исклучително важен атрибут во 21 век и е во корелација со стратешките приоритети на Владата – бидејќи како држава не излегуваме на море, да бидеме крстосница на два значајни европски коридори: 8 и 10 – рече Мицкоски во обраќањето по повод почетокот на изградбата на автопатот Скопје – Блаце.
Тој како што рече, е задоволен од тоа што веќе има значителен напредок на терен и изрази задоволство што македонска компанија ќе ги изведува градежните работи, што, рече, е додадена вредност за македонската економија.
-Денес тука нема да застанеме. Многу скоро од денеска продолжуваме со уште една автопатска делница, која е дел од Кордорот 8, која ќе ги поврзе местото Букојчани и автопатот Кичево – Охридд, кој очекуваме да го пуштиме на почетокот на следната година. Со тоа ќе се создадат услови во еден момент на територијата на државата да се градат шест автопатски делници што порано никогаш не се случило. Тоа се делниците Блаце – Скопје, Тетово – Гостивар, Гостивар – Букојчани, Букојчани – Кичево, Кичево – Охрид и Прилеп – Битола. Тоа е историски момент за граѓаните и за државата – рече Мицкоски.
Неговиот косовски колега Албин Курти, во обраќањето рече дека е среќен што присуствува на поставувањето темели на модерното поврзување меѓу двете земји.
-Нашите две држави имаат висок проток на граѓани од двете страни на границата. Семејствата, студентите, работниците, професионалците и нашиот бизнис се движат секој ден помеѓу Косово и С. Македонија. Само преку граничниот премин Елез Хан поминуваат околу 54.000 камиони годишно или околу 150 камиони дневно. Затоа, секој километар од нов пат што нè приближува е инвестиција во животот на нашите граѓани и економскиот развој на двете земји. Овој автопат ќе го направи протокот побрз, посигурен и поефикасен. Истовремено, ќе им даде на нашите бизниси поголеми можности за движење на стоките, да ги развијат пазарите и да создадат нови партнерства – рече Курти.