КЛЕКОВСКИ ОТКРИ ШТО СЕ ПОДГОТВУВА ЗА ИТНАТА ПОМОШ Нов центар, 150 возила и национален диспечерски систем

Министерот за здравство ги откри планираните промени по поплаките на граѓаните за долгото чекање и одбивањето повици. Признава дека остануваат отворени прашањата за бројот на екипи и недостигот од кадар.

0

Министерот за здравство Сашо Клековски попладнево се огласи на Фејсбук по бројните реакции на граѓаните на неговата претходна објава за кривичната одговорност при напади врз здравствени работници. Наместо за насилството врз медицинскиот персонал, како што посочува, граѓаните најмногу коментирале за проблемите со Итната медицинска помош.

Клековски ги издвојува долгото чекање на екипите, недостигот од возила со комплетни тимови, одбивањето повици и проблемите со тријажата како дел од забелешките што ги добил од граѓаните. Тој вели дека ги прочитал коментарите и дека дел од проблемите веќе се опфатени со мерките што се подготвуваат.






Една од најважните промени е издвојувањето на Итната медицинска помош од Здравствениот дом Скопје и формирањето самостоен Центар за итна медицинска помош во главниот град.

– Владата ја усвои информацијата за формирање самостоен Центар за итна медицинска помош Скопје. Сопствено раководство, сопствен буџет, сопствено планирање – наместо служба што се бори за ресурси во рамките на поголема установа. Како пилот-проект што може да се прошири и во другите градови – наведува Клековски.

Министерот најавува и воведување национални стандарди за тријажа, со кои ќе се утврдува приоритетот на секој повик според јасни критериуми, а не според процената на лицето што се јавува на телефон.

– Кој повик е итен не смее да зависи од тоа кој се јавил на телефон, туку од јасни и транспарентни стандарди, исти од Скопје до Гевгелија, од Дебар до Делчево. Без стандард, тријажата е произволна. Со стандард, одлуката е проверлива и некој одговара за неа – пишува министерот.

Во план е и формирање национален диспечерски центар, каде што ќе се примаат сите повици и ќе се координираат екипите на Итната медицинска помош. Според најавата, на секој повик ќе реагира најблискиот расположлив тим, а ќе може да се следи кога е примен повикот, каква одлука е донесена и зошто.

Клековски информира дека се набавени 100 нови возила за Итната медицинска помош, со кои, според него, во земјава ќе има 200 функционални возила. Дополнителни 50 возила се очекуваат преку ИПА 3-програмата на Европската Унија.

Како еден од најголемите предизвици го посочува недостигот од кадар. Според податоците што ги наведува, повеќе од 300 вработени во Итната медицинска помош треба да заминат во пензија до 2030 година. Затоа, во тек се разговори со Медицинскиот факултет за воведување нов профил – парамедик, кој би бил обучен да обезбедува помош и нега за време на транспортот на пациентите.

Министерот се осврна и на ургентната здравствена инфраструктура. Во тек е реконструкција на Ургентниот хируршки центар, а се оформува и Ургентен интернистички центар во Клиничкиот центар во Скопје.

Сепак, Клековски признава дека сè уште не се решени сите проблеми. Меѓу нив ги издвојува бројот на екипи по смена, особено во Скопје, како и прашањето кој ќе им помогне на пациентите да бидат пренесени до возилото кога дома нема кој да ги крене.

– Тоа не е медицинско прашање, ама е вистинско прашање и нема да се преправам дека не постои – наведува министерот.

Тој порачува дека вистинскиот показател за успехот на реформите нема да бидат објавите и соопштенијата, туку времето што граѓаните го чекаат од моментот кога ќе се јават на бројот 194.

– Мерката за успех нема да биде ниту една објава, ниту едно соопштение. Ќе биде едно: колку чека човек од моментот кога ќе се јави на 194 – порачува Клековски.

Поврзани содржини