📷 НОВИ ПЛОЧКИ, ПАТЕКИ И ЗЕЛЕНИЛО ВО „ЖЕНА-БОРЕЦ“ Ѓорѓиевски најави целосно обновување на паркот
Во паркот се заменуваат старите плочки, се обновуваат пешачките патеки и урбаната опрема, а со хортикултурно уредување ќе се збогати зеленилото. Претходно биле обновени спомен-обележјето на децата бегалци и Вечниот оган.
Целосната реконструкција на паркот „Жена-борец“, во центарот на Скопје, се одвива со силно темпо, а во тек се обновување на пешачките патеки, поставување нови плочки, реставрација на урбаната опрема и дополнително хортикултурно уредување. Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, вели дека целта е овој простор повторно да биде уредено и негувано место за одмор и прошетка на скопјани.
Во објава на социјалните мрежи, Ѓорѓиевски потсетува дека паркот со генерации бил место за средби, прошетки и одмор од градската врева, поради што, како што вели, важно е и идните генерации да го затекнат во добра состојба.
– Сакам и следните генерации да го доживуваат овој парк со истата блискост и да го затекнат уреден и негуван – наведува градоначалникот.
Во рамки на реконструкцијата, старите плочки се заменуваат со нови, а се обновуваат и пешачките патеки. Предвидена е и реставрација на постојната урбана опрема, како и дополнително хортикултурно уредување со кое треба да се збогати зеленилото во паркот.
Ѓорѓиевски посочува дека претходно било обновено и спомен-обележјето на децата бегалци, кое било вандализирано. Повторно е активиран и Вечниот оган кај фонтаната, по периодот во кој не горел.
– Со обновата на овие обележја го чуваме и сеќавањето што му дава посебно значење на овој парк – порачува Ѓорѓиевски.
Градоначалникот нагласува дека грижата за парковите не треба да заврши со реконструкцијата, туку тие да се одржуваат и понатаму, а во градот да се создаваат и нови зелени површини.
– Моја одговорност е скопските паркови да ја добиваат грижата што ја заслужуваат, и денес, додека ги обновуваме, и секој ден потоа – наведува тој.
Во објавата Ѓорѓиевски најавува продолжување на редовното одржување на парковите и подигнување нови зелени површини, со цел секоја генерација скопјани да има простор за одмор и рекреација.