УАПСЕН ТАТКОТО НА ТИНЕЈЏЕРОТ ШТО ПУКАШЕ ВО КРАГУЕВАЦ Синот е осомничен за убиство во обид
На 49-годишниот маж му е одредено полициско задржување до 48 часа. Неговиот син е осомничен за тешко убиство во обид.
Српската полиција го уапси таткото на 17-годишниот матурант кој утрово пукаше во Првото техничко училиште во Крагуевац. Истрагата покажала дека таткото немал дозвола за оружјето што го употребил неговиот син, соопшти Министерството за внатрешни работи на Србија.
Се работи за 49-годишниот С. М., кој е осомничен за недозволено поседување и носење огнено оружје, муниција и експлозивни материјали, објави српската телевизија Н1.
Неговиот син е осомничен за тешко убиство во обид.
Таткото ќе биде задржан во полиција до 48 часа, по што ќе биде изведен пред надлежното обвинителство. Неговиот малолетен син, по сослушувањето, ќе биде изведен пред судија за малолетници во Вишиот суд во Крагуевац.
При денешниот инцидент беа повредени 2 вработени во училиштето, додека сите ученици беа безбедно евакуирани.
Српската полиција истражува фотографија која малолетникот ја објавил на социјалните мрежи непосредно пред пукањето и на која е прикажан маж со пушка од мал калибар во рацете и во камуфлажно одело.
Извор за „Мондо“ тврди дека на сликата е осомничениот, 17-годишниот В.М.
– Утрово објави слика на Вајбер, денешниот датум, 24 ноември, знаевме дека нешто лошо ќе се случи, а тој ни го потврди тоа кога објави слика од себе маскиран со пушка во својата приказна на Инстаграм, со нож во ременот. Сето тоа го објави неколку минути пред пукањето! Веројатно ја направил таа слика рано утрово пред да оди на училиште – изјави неименуваниот извор.
Српската агенција „Танјуг“ ја сподели снимката од апсењето на В.М. пренесувајќи дека малолетникот бил совладан од полицајците за 6 минути при што било пронајдено и оружјето со кое пукал.
Според досегашните сознанија на полицијата, 17-годишникот донел пушка во училиштето и испукал еден куршум кон портирницата. Проектилот го пробил стаклото и ја погодил во ногата 50-годишната вработена во училиштето, додека друга вработена, исто така, се здобила со повреда на ногата од парчињата скршено стакло. Пукањето се случило за време на наставата, поради што во ходниците и во училишниот двор немало ученици, а по инцидентот сите деца биле безбедно евакуирани.
Српската полиција во соопштението вели дека не добила предупредувања што би можеле да бидат поврзани со денешниот напад. Пријавата за нападот стигнала во 8 часот наутро по што полицијата интервенирала.
Директорот на училиштето Немања Јоксимовиќ претходно изјави дека матурантот не предизвикувал проблеми во училиштето.
При нападот беа повредени две хигиеничарки, кои се надвор од животна опасност. Едната од нив, на возраст од 50 години, се здобила со повреда во ногата, додека другата била повредена од скршено стакло.
Српските медиуми претходно открија и необичен детаљ од профилот на матурантот на Вајбер, на кој стоел денешниот датум „24.11“.
Министерството за образование на Србија формираше кризен штаб и испрати тим во Крагуевац.