ГРЦИЈА ПОДГОТВУВА НОВИ СООБРАЌАЈНИ КАЗНИ За некои прекршоци ќе се плаќаат и по 2.000 евра

Предлог-законот предвидува ограничување за младите возачи на автомобили посилни од 340 коњски сили, снимање на практичните испити и измени кај казните за непрописно паркирање.

0

Грција подготвува измени на сообраќајните прописи со кои ќе се намалат казните за одредени полесни прекршоци, но истовремено ќе се воведат и нови ограничувања за младите возачи на автомобили со голема моќност. За некои прекршоци ќе бидат предвидени казни од 2.000 евра, како и одземање на возачката дозвола во траење од 60 дена.

Измените се дел од предлог-закон што го подготвило грчкото Министерство за инфраструктура и транспорт. Предлогот е на јавна расправа до 7 декември, а меѓу најзначајните новини се ограничувањата за управување со спортски автомобили со голема моќност.






Според предложените правила, автомобилите чија максимална нето-моќност надминува 340 коњски сили ќе смеат да ги управуваат само лица постари од 22 години, кои имаат возачка дозвола за соодветната категорија најмалку три години.

За непочитување на ова ограничување е предвидена казна од 2.000 евра и одземање на возачката дозвола на 60 дена. Истата казна би важела и за возење автомобил без регистарски таблички или со таблички што не се јасно видливи.

Предлогот предвидува и повторно активирање на планот за снимање на практичниот дел од возачкиот испит. Оваа мерка била усвоена уште во 2021 година, но досега не била спроведена. Целта е да се намали корупцијата и да се подобри контролата врз процесот на издавање возачки дозволи.

Практичните испити би се снимале со таблет со кој ќе управува испитувачот, како и со преносна камера од 360 степени, насочена кон педалите и седиштето на инструкторот.

Испитувачот, возилото и податоците за обуката и испитот на кандидатот ќе се проверуваат електронски преку QR-кодови. Предвидено е да се користи и вештачка интелигенција за автоматска проверка дали камерите се правилно поставени и дали функционираат.

Со измените се предвидуваат и построги казни за фалсификување документи и лажно претставување кандидати на возачките испити. Ќе биде воспоставен и електронски регистар на возилата што ги користат автошколите.

Една од поважните измени се однесува на одредени прекршоци при паркирање. Сегашната казна од 30 евра, која вклучува и одземање на возачката дозвола на 10 дена, би била заменета со парична казна од 60 евра, без одземање на дозволата.

Оваа промена би се однесувала на паркирање на сообраќајни острови или разделни ленти, како и на непочитување одредени знаци за забрана на запирање и паркирање.

Сепак, за посериозните прекршоци, како паркирање на места или пристапни рампи наменети за лица со попреченост, ќе останат построгите казни.

Предлогот дополнително го појаснува и ограничувањето на брзината од 30 километри на час во населени места. Тоа ќе важи за еднонасочни улици со една сообраќајна лента, како и за двонасочни патишта со по една лента во секоја насока, доколку немаат разделен остров или централна заштитна ограда.

Предложените измени сè уште не се конечни. Јавната расправа трае до 7 декември, по што треба да следува понатамошната законска постапка.

Поврзани содржини