И БЛЕНДАЊЕТО СЕ СНИМА, ДРОН ГИ ФАЌА „ПРЕДУПРЕДУВАЧИТЕ“ Полската полиција казни 47 возачи, добија казна од 46 евра

Полициски дрон од воздух ги снимал возачите кои со долгите светла ги предупредувале другите дека во близина има патрола. Во една акција биле откриени 47 вакви прекршоци.

0

Полската полиција употреби дрон за да ги открива возачите кои со блендање со долгите светла ги предупредуваат другите учесници во сообраќајот дека во близина има полициска контрола.

Акцијата ја спровеле сообраќајните полицајци од Мишленице на 30 септември, на територијата на општините Мишленице и Токарнија. Од воздух бил следен сообраќајот, а полицајците ги регистрирале возачите кои со светлосен сигнал ги предупредувале оние што доаѓаат од спротивната насока дека во близина има полициска патрола.






Резултатите од акцијата се интересни: полицијата контролирала 71 возило и регистрирала вкупно 76 прекршоци. Од нив, 47 биле поврзани со користење на долгите светла за предупредување на другите возачи за полициската контрола.

Сите 47 возачи биле казнети со по 200 злоти, што е околу 46 евра, и добиле по четири казнени поени. Полската полиција потсетува дека користењето на долгите светла е регулирано со Законот за сообраќај и дека нивната употреба надвор од дозволените ситуации претставува прекршок.

 

Полицијата објаснува дека предупредувањето на другите возачи за контрола може да има и безбедносни последици. Возачот кој ќе биде предупреден може само привремено да ја намали брзината или да го промени однесувањето, а откако ќе ја помине патролата повторно да продолжи со прекршување на сообраќајните правила.

Од полицијата дополнително предупредуваат дека никогаш не се знае кого всушност предупредува возачот кој бленда. Тоа може да биде лице кое вози под дејство на алкохол или дрога, но и лице кое се бара поради друго кривично дело.

Акцијата покажува и како полицискиот дрон може да се користи за следење на однесувањето на возачите од воздух и за документирање на прекршоци што тешко би се забележале од самата патрола на патот.

Поврзани содржини