ВО БРИСЕЛ СУДИРИ МЕЃУ АНТИВЛАДИНИ ДЕМОНСТРАНТИ И ПОЛИЦИЈАТА Приведени девет лица
Учесниците побараа повеќе инвестиции во образованието и ја обвинија полицијата за прекумерна употреба на сила.
Белгиската полиција денес употреби солзавец и спреј за време на судирите со антивладините демонстранти во Брисел, јавија светските агенции, додавајќи дека демонстрантите бараат подобри услови во образовниот систем.
Судирите се случија откако се собраа неколку стотици, главно млади луѓе, во рамки на низата протести во последните месеци. Учесниците побараа повеќе инвестиции во образованието и ја обвинија полицијата за прекумерна употреба на сила. Овие судири беа многу помали по обем и помалку насилни од оние што се случија минатата недела во Белгија, како и во соседна Франција.
Бриселската полиција доцна попладнево соопшти дека немало поголеми инциденти. Таа наведе дека мерките се преземени „за да се обезбеди одржување на јавниот ред и безбедноста на сите граѓани“. Во соопштението се додава дека полицијата привремено привела пет лица за нарушување на јавниот ред, додека уште четири лица се приведени за поседување забрането оружје и предизвикување нереди.