ВАКВИ ПРОТЕСТИ НЕ МОЖАТ ДА БИДАТ РЕЖИРАНИ Политиколозите за бранот демонстрации што ја зафати Европа
Можно е опозицијата да има влијание на тие протести, бидејќи се де факто во политичка економија, но ако го погледнете бранот, Франција, Португалија, Грција, Албанија, па сега и Белгија, причините се повеќе од политички – вели Арсовски.
Службите не можат директно да иницираат протести, особено од оваа големина, мора да има некакво автентично незадоволство за да се појави нешто такво, коментира политичкиот аналитичар Петар Арсовски по вчерашното предупредување на премиерот за можни провокации, дејствување на разни служби и обиди Македонија да биде вовлечена во проблемите на соседните земји.
Арсовски вели дека нѐ очекува прелевање на ситуацијата од соседството и Европа иако смета дека и овде има причини поради кои се појавува незадоволството.
– Структурните причини поради кои се појавува незадоволството, а тоа е дека помладите генерации не можат да го достигнат квалитетот на живот на постарите генерации, ги има и во Македонија, но во моментот социјалната екстровертност, односно подготвеноста за протести е пониска отколку кај другите земји. Не очекувам директно прелевање на протести, но очекувам спорадично незадоволство кај целните групи засегнати од таа проблематика – вели Петар Арсовски, политички аналитичар.
Во однос на опозицијата, за кои Мицкоски рече дека би можеле да учествуваат во такви сценарија за пари и лажни ветувања за фотелји, Арсовски смета дека, ниту една партија нема сила за иницирање на толку масовни протести и сè што можат да направат е да дадат подоцнежна поддршка.
– Можно е опозицијата да има влијание на тие протести, бидејќи се де факто во политичка економија, но ако го погледнете бранот, Франција, Португалија, Грција, Албанија, па сега и Белгија, причините се повеќе од политички. Која било партија не може да направи масовни протести како во Албанија или во Франција. Точно е дека опозицијата има бенефит од тие протести, особено во политизираните земји од Западен Балкан, но не верувам дека тие се директни иницијатори. Може да дадат подоцнежна поддршка, но ништо повеќе од тоа – вели Арсовски.
Протести има во сите соседни земји. Во Албанија, повеќенеделните антивладини протести со барања за оставка од премиерот Еди Рама, на кои им се придружија и здравствени работници станаа и насилни. Поради трошоците за живот и економската криза почнаа и протести во Грција. Во Бугарија протестираа синдикатите, а се вжештија и политичките тензии поради претседателските избори. Во Србија во моментов е изборен молк, но протестите против актуелната власт траат со месеци. Во Европа тие се шират како вирус, се протестира во Франција, Италија, Португалија, Белгија, Германија… поради високата инфлација, трошоците за живот и незадоволството на студентите, синдикатите и граѓаните.