ВИРУСОТ ОД КОЈ ПОЧИНА МИРА ФУРЛАН ПОВТОРНО СЕ ШИРИ ВО РЕГИОНОТ Во Македонија веќе се потврдени 44 случаи на западнонилска треска и петмина починаа

Смртта на легендарната актерка Мира Фурлан која почина на 20 јануари 2021 година, по тешка борба со инфекцијата со вирусот Западен Нил, повторно се споменува во хрватските медиуми токму поради актуелната епидемиолошка состојба.

202

Вирусот Западен Нил, од чија инфекција во 2021 година почина легендарната актерка Мира Фурлан, повторно е актуелен во регионот. Во Хрватска досега се потврдени три случаи, а во Македонија бројката за само неколку недели се искачи на 44, при што пет лица починаа.

Фурлан почина на 20 јануари 2021 година, на 65-годишна возраст, по тешка борба со инфекцијата со вирусот Западен Нил. Според тогашните информации од извори блиски до семејството, актерката во последните месеци од животот била во тешка здравствена состојба и била хоспитализирана во САД.






Нејзината смрт повторно се споменува во хрватските медиуми токму поради актуелната епидемиолошка состојба. „Slobodna Dalmacija“ потсетува дека Фурлан била една од најпознатите жртви на оваа инфекција во регионот, додека истовремено Хрватска годинава ги регистрира првите три случаи.

Хрватскиот завод за јавно здравство потврдил дека тројца луѓе се заразиле со вирусот во текот на јули и август. Еден од пациентите, постар маж од околината на Загреб, развил тешка форма на болеста и бил приклучен на респиратор во Клиниката за инфективни болести „Д-р Фран Михаљевиќ“. Лекарите нагласуваат дека вакви тешки случаи се можни, особено кај повозрасните и лицата со други здравствени проблеми.

Вирусот не се пренесува со обичен контакт меѓу луѓето. Главен начин на заразување е убод од заразен комарец, најчесто од родот Culex. Птиците се природен резервоар на вирусот, а комарците го пренесуваат вирусот од птиците на луѓето и другите цицачи.

Состојбата во Македонија годинава е посериозна од онаа во Хрватска.

Според најновите податоци, во земјава се потврдени 44 случаи на западнонилска треска, од кои 43 пациенти биле хоспитализирани, а кај повеќето била дијагностицирана невроинвазивна форма на болеста. Вкупно пет лица починале.

Претходно, на 21 август, здравствените власти информираа за 43 случаи, од кои 40 биле лабораториски потврдени, а кај три вирусот бил детектиран со еден тест. Тогаш за првпат беше потврден и вирус кај мртов гавран во Скопје.

Здравствените власти веќе имаат мапирано 34 ризични подрачја, од кои 13 се оценети како високоризични. Особено внимание се посветува на каналите за наводнување, застојаните води, ископите и други места каде што можат да се размножуваат комарците.

Според податоците на здравствените власти, меѓу заразените во Македонија доминираат повозрасни лица. Од 38 случаи регистрирани до 18 август, 33 биле лица постари од 60 години, а сите четири тогаш регистрирани смртни случаи биле кај мажи на возраст од 62 до 83 години.

Овој податок е важен бидејќи кај најголемиот број луѓе инфекцијата може да помине без симптоми или со благи симптоми, но кај мал дел од заразените може да се развие тешка, невроинвазивна форма – со воспаление на мозокот или мозочните обвивки.

Актерката која почина пред пет години, денес се споменува како потсетување дека вирусот не е безопасна летна инфекција и дека, иако најчесто не предизвикува тешка болест, во одредени случаи може да биде смртоносен.

Фурлан, во последните години од животот живееше во САД, каде што и почина.

 

Поврзани содржини