📽️ ЏЕСИКА БИЛ НАВЕСТИ ПРОБЛЕМИ ВО БРАКОТ СО ЏАСТИН ТИМБЕРЛЕЈК „Мислам дека треба да расчистиме некои работи“, вели актерката во новиот документарец
Сопругата на Џастин Тимберлејк со неколку искрени реченици во трејлерот за неговиот нов документарен филм ги разгоре шпекулациите за проблеми во нивниот брак. Пејачот, пак, во истото видео ја нарекува најдоброто нешто што му се случило во животот.
Џесика Бил ретко зборува јавно за приватниот живот со Џастин Тимберлејк, но нејзините изјави во трејлерот за претстојната документарна серија за славниот пејач повторно го насочија вниманието кон нивниот брак.
Во еден од исечоците од документарецот, 44-годишната актерка вели:
– Кога го запознав, воопшто не беше она што го очекував.
Во друга сцена, таа додава:
– Мислам дека треба да расчистиме некои работи.
Не е откриено на што точно се однесуваат нејзините зборови, ниту во кој контекст се водел разговорот, но тие веднаш ги поттикнаа прашањата дали двојката минува низ тежок период.
Тимберлејк, од друга страна, во документарецот зборува со многу нежност за сопругата.
– Таа е најдоброто нешто што ми се случило. Тоа е една работа што ја направив како што треба – вели 45-годишниот музичар. Според извор на „Пејџ сикс“, парот има проблеми, но се обидува да ги надмине.
Двајцата се венчаа во октомври 2012 година во Италија, по петгодишна врска, која вклучува и кратка разделба. Имаат два сина – 11-годишниот Силас и шестгодишниот Финеас.
Нивниот брак и претходно беше под лупа на јавноста. Во 2019 година, Тимберлејк беше фотографиран како се држи за рака со актерката Алиша Вејнрајт, неговата колешка од филмот „Палмер“, за време на излегување во Њу Орлеанс. Фотографиите предизвикаа гласини за неверство, по што пејачот јавно ѝ се извини на сопругата и на семејството. Тој призна дека испил премногу алкохол и дека неговото однесување било непромислено, но категорично негираше дека се случило нешто меѓу него и колешката.
Дополнителен притисок врз нивниот однос предизвика и неговото апсење во јуни 2024 година во Саг Харбор, Њујорк, поради возење под дејство на алкохол. Подоцна се спогоди и призна вина за поблаг сообраќаен прекршок – возење под дејство на алкохол, без кривична осуда. Во меѓувреме, се појавија и медиумски написи дека Џесика поставила ултиматум поради неговото однесување.
Новиот документарен проект, насловен „Timberlake“, ќе има четири епизоди и ќе го прикаже животот и кариерата на пејачот, вклучувајќи ги и најтешките моменти од неговото минато. Ќе бидат опфатени неговата врска со Бритни Спирс, контроверзниот настап со Џенет Џексон на Супербоул во 2004 година, како и неговите подоцнежни јавни скандали. Во серијата се појавуваат и неговата мајка Лин Харлес, како и музичките соработници Фарел Вилијамс и Тимбаленд.
Документарецот го режира Фишер Стивенс, а првите две епизоди ќе бидат достапни на „Епл ТВ“ на 11 декември. Следните две ќе бидат објавени на 18 и 23 декември.