ШПАНИЈА Е ПРВИОТ ФИНАЛИСТ НА СП 2026 Франција беше целосно надиграна
Франција тешко наоѓаше решение против цврстата и дисциплинирана игра на Шпанците.
Полуфиналето на Светското првенство донесе вистински фудбалски спектакл во Арлингтон, каде што силите ги одмерија две европски велесили – Шпанија и Франција. Влогот беше огромен – место во големото финале.
До полуфиналето Франција стигна со победи над Шведска, Парагвај и Мароко, додека Шпанците претходно ги елиминираа Австрија, Португалија и Белгија, а групната фаза ја завршија како првопласирани, без ниту еден пораз.
„Црвената фурија“ прва зададе удар во 22. минута. По прекршокот на Лукас Дињи врз Ламин Јамал, судијата покажа на белата точка, а Микел Ојарзабал сигурно го совлада Мајк Мањан за водство од 1:0.
Франција тешко наоѓаше решение против цврстата и дисциплинирана игра на Шпанците. Репрезентацијата предводена од Килијан Мбапе и Усман Дембеле не успеваше да создаде посериозна опасност, додека шпанската одбрана речиси без грешка ги неутрализираше сите обиди на противникот.
Истото сценарио продолжи и по паузата. Наместо израмнување, Французите примија уште еден гол. Во 58. минута Педро Поро и Дани Олмо одлично комбинираа, по што Поро излезе сам пред Мањан и рутински ја испрати топката во мрежата за убедливи 2:0.
По вториот погодок Французите делуваа уште понемоќно, а Шпанија продолжи да напаѓа. Само офсајд-одлука ги спаси „триколорите“ од трет примен гол.
Во продолжението Франција конечно покажа знаци на живот. Мбапе имаше добра можност по брз противнапад да ја врати неизвесноста, но Шпанците и натаму ја контролираа играта и не дозволија противникот сериозно да се закани до крајот на натпреварот.
Во финалето на СП 2026 Шпанија ќе ги одмери силите со победникот од натпреварот Англија-Аргенцина, кој се игра во среда во 9 часот навечер.