„Политичка воља“ за избор помеѓу национална лоботомија и самоубиство?

Оттука и прашањето: што попрво би ја израдувало онаа еу – македонска национална лоботомија или самоубиство? Зашто, трето нема. Поточно, сиот оној ултранационалистички идиотизам подметнат во т.н. втор протокол – животна „операција“ на некогашниот коалициски „министер“ и нивниот „прогресивен“ екс-лидер како асистент анестезиолог – и соодветно пресликан во т.н. „француски предлог“ не е ништо друго.

0

Велат дека има руска поговорка што оди вака: „ако ѓаволот не може да ти дојде, ќе ти испрати жена“! Знам, звучи малку сексистички и мизогено, но не ми е таква намерата. Меѓутоа, кај нас поговорката се оживотвори: ни дојде Марта Кос со нејзините „мудрости“, „правила“ и „систем“. И страста за „политичка воља“. И по којзнае кој пат го извергла она дека „ниту една земја кандидат никогаш не добила гаранција дека нема да се појави друг спор за време на процесот на пристапување, сè до моментот кога последната земја членка ќе го ратификува договорот за пристапување“ односно дека тоа е фамозниот начин на кој функционира проширувањето.

Меѓутоа, барајќи од нас „политичка воља“ да ја прифатиме „оваа реалност“ којашто не е ништо друго туку националистички диктат, ни таа ниту пак нејзините „посестрими“ во еу врхушката (малите букви се…) никако да ја прифатат вистинската реалност: дека ниту една земја кандидат во досегашниот процес на проширувањето на еу не била така садистички уценувана, малтретирана и понижувана како Македонија! Дека од ниту една друга земја кандидат не се барало да се откаже од сопствената историја, култура, националност, јазик…, дека ниту една земја кандидат не била така лажена од највисоките еу функционери во текот на пристапниот процес итн.






А упорно го премолчуваат и тоа дека Македонија понудила неколку излезни решенија, меѓу нив и гаранцијата за внесување на Бугарите во Уставот веднаш по завршувањето на пристапните преговори, меѓутоа никогаш не добила одговор на таа понуда!

Оттука и прашањето: што попрво би ја израдувало онаа еу – македонска национална лоботомија или самоубиство?

Зашто, трето нема. Поточно, сиот оној ултранационалистички идиотизам подметнат во т.н. втор протокол – животна „операција“ на некогашниот коалициски „министер“ и нивниот „прогресивен“ екс-лидер како асистент анестезиолог – и соодветно пресликан во т.н. „француски предлог“ не е ништо друго. Тој „зафат“ дефинитивно ќе се изучува во меѓународното право како „национална лоботомија“, а којашто токму оваа Македонија мора да ја спроведе. Или, во краен случај, да ја извади онаа скриена „за не дај боже“ кубура и да си ја насочи во главата!

Се разбира, излезот што така милозвучно го нуди налудничавата тројка фон дер Лајен, Калас и Кос низ процесот на автолоботомизацијата е дека ние не сме Македонци, дека немаме свој јазик туку говориме на дијалект на бугарскиот јазик, дека имаме некаква историја но само од 1945 година кога како нација сме биле формирани од Тито и Коминтерната… итн.? Ако е тоа „системот“, ако тоа се „правилата“ за влез во семејството и „политичката воља“ што од нас се бара, тогаш – по ѓаволите со таквото „семејство“!

Меѓутоа, перфидноста на еу-политиките се исполирани до највисок сјај. „Госпожата“ Кос се повлекува од давање совети како да изградите доверба со вашите соседи“, но демек знае дека „колку повеќе доверба имате, толку полесно ќе биде да се движите напред низ процесот на пристапување“. Тоа може да го каже некој кој или не ја знае историјата на овој цивилизациски конфликт или е премачкан со сите можни политикантски бои така што ништо не ѝ значи ни нација, ни јазик, култура, идентитет… Туѓ, се разбира! Не знам зошто никој кај нас не ја прашува Кос како повикувањето на Русија на „зедничка историја“ со Украина е нелегитимно и недозволиво, но истото за Бугарија е сосема релевантно?

Но кај нас секогаш проблемите се мултиплицирани, па оној ѓавол од почетокот не ја праќа само онаа Кос туку ги подбуцнува и локалниве ѓаволчиња во вид на жени и мажи – и тие премачкани со истите боички – кои веднаш, оркестрирано, се впуштаат во „објаснување“ што ни порачала главната, што треба ние да направиме, каде грешиме кога не ги прифаќаме еу условите итн. Па дури и нѐ подучуваат дека работите веќе станале „брутално јасни толку долго време, што е речиси непристојно да се дебатира или да се фингира дебата за непостоечка тема, при флагрантно неисполнување на сопствените обврски како држава“.

Што во суштина е – точно: работите се „брутално јасни“ од самиот почеток, од времето на потпишувањето на антидржавниот Договор за пријателство, а особено со активирањето на т.н. втор протокол како услов во „рамката“. Побрутално од тоа не може ни да биде. Односно – може: ова што се случува денес, не само од страна на врхушката на еу туку и од оваа локална „пајтон интелигенција“. А врв на бруталноста би била доброволната национална автолоботомија како краен чекор пред државно самоубиство!

Сите други приказни за мали деца кои свират на „тенките жици“ на некаква „правна и политичка обврска“ на едно демократско општество, за некаков „темел за довербата кон нас“, „непочитувањето на меѓународното право“ и слични будалаштини се само безобразно ефтина мамка за јавноста. Онаква, популистичка, но и лукративна, се разбира. Слична на оние „милијарди“ коишто, нели, ќе завршат во џебовите на граѓаните. Па како не ви е срам, шупелки едни!

Зарем можат антидржавни и национално самоубиствени „стратешки меѓународни договори“ и налудничави „презмени обврски“ да бидат обврзувачки за една суверена држава, без оглед кој ги потпишал? Или, за полесно да разберат неукиве шутраци, зарем една Австрија требаше во 1945 година да остане во состав на Германија само затоа што имало еднакво болни умови да бараат од јавноста прифаќање на „аншлус“ во онаа 1938 година, па дури и да го изгласаат на референдум (со 99.7%!)? Или обратно: како пак можело сето тоа да биде поништено со едноставна „Московска декларација“ од 1943 година и Австрија повторно да стане независна држава?

Или, на пример, ако во 2010 година тогашниот украински парламент изгласал дека ја напушта целта да стане членка на нато (малите букви се…) и останува неутрална, како одеднаш, во 2014 година, таа „преземена обврска“ се сменила? Се разбира, спомнувајќи ја веќе Украина, локалниве историканти веројатно не знаат дека постојат експлицитни, недвосмислени писмени ветувања од цела низа европски претседатели и премиери (како и од американскиот државен секретар Џејмс Бејкер и претседателот Џорџ Буш постариот) дека по обединувањето на двете Германии нато „нема ни педа да отиде на исток“? Е па како таквите „преземени меѓународни обврски“ можат „елегантно“ да бидат заобиколени, но фамозниот „протокол“, па дури и „француската рамка“ – не може?

Или повторно некои од „пајтон интелигенцијава“ ќе нѐ убедуваат дека тие се „исклесани во камен“ бидејќи ова било „реална политика а не некаков дебатен клуб“? Види богати! А на што би личеле државите, па и нашата, кога таа „реална политика“ – или тој простачки прагматизам, како сакате – би се спростреле низ улиците во форма на „сила бога не моли“, големи и мали, на владеење на пиштолот а не на правото, на бандитски пресметки на силните со слабите, на големите со малите…? Таа ли „реална политика“ ја бараат, таа ли мрачна перспектива ја нудат?!

Но, се разбира, силата на аргументите не може – никогаш и не можела – да исправи искривени умови, уште помалку да се претвори во некоја конвертибилна валута. Затоа впрочем и никој од нив не говори за „реални теми“ – меѓу нив социјалната политика, културната политика, здравството, образованието… – туку пелтечат за уличната „висока политика“ – онаа ослободена од сите морални и вредносни норми!

Поврзани содржини