Нов мермер со мирис на стара мувла

Низ децениите, владите и политичките гарнитури периодично се менуваа, но една специфична група луѓе остануваше недопрена. Тие се вечната флора во нашиот институционален еко-систем, професионални преживувачи со камелеонска политичка припадност и без идеологија.

0

Во минатото, нештата беа барем почесни во својата грдотија. Ако системот беше трул, тој и си мирисаше на таа трулост. Вкусот на мувлата во институциите доаѓаше природно, од влажните ѕидови на старите згради и канцелариите во нив, од трошните бироа, од сивилото и прашината на една очигледно застарена бирократија. Човек знаеше точно каде влегува и со каков противник си има работа. Таа административна рамка тогаш делуваше како цврста и непроменлива, сè до нејзиниот логичен крај кој го докажа спротивното.

Низ децениите, владите и политичките гарнитури периодично се менуваа, но една специфична група луѓе остануваше недопрена. Тие се вечната флора во нашиот институционален еко-систем, професионални преживувачи со камелеонска политичка припадност и без идеологија. Овој токсичен профил со текот на времето стана длабоко вкоренет, што последично изискува цврста политичка волја за чистење на овој децениски талог. Иако процесот се соочува со отпорот и жилавоста на бирократскиот апарат, насоката за чистење на деценискиот талог се чини е правилна и неповратно започната.






Секако, а паралелно секоја суштинска реформа која води кон ослободување на граѓаните од какви било административни и бесмислени стеги значително помага во овој контекст. Добрата реформа, каква што сега се трасира, шансите за уцена и личен профит на овие вечни профитери ќе ги сведе на минимум.

За жал, во дел од државните институции мувлата не извира од тулите, туку директно од малкумината вечни функционери кои со децении беа незаменливи во своите фотелји. Влегувате во модерно или барокно здание, но внатре сè уште ве пречекува истиот провинциски, ситен шверцерски ум, апсолутно некомплементарен со менталниот склоп на еден легитимен носител на јавна  функција. Кичот на нашето општество не се паметниците, ниту фамозните фасади. Реално, менталниот кич на оваа изолирана група кариерни апаратчици кои без оглед на исходот од изборите, со години само ги префрлаат папките од едната на другата страна од масивните бироа е вистинскиот кич на нашето општество.

Овие луѓе за жал немаа капацитет да бидат дел од ниту еден модерен, грандиозен или европски концепт што институциите треба да го репрезентираат. Тие само препакуваа еден евтин, пазарен менталитет и го ставија во прескапа амбалажа. Не е кич она што е изградено од камен и бетон, кич е тоа што се наоѓа во главите на овие вечни државни профитери, кичот е во нивната амбиција со мермер да ја подигнат цената на личната изнуда. И тоа е меѓудругото една од системските трагедии која како тема изостана низ сите овие години поминати во празни меѓупартиски, политички и невладини  дебати.

Како на пример оние дебати и силни критики кон проектот „Скопје 2014“.

А суштинскиот проблем не е во визијата за импозантното и монументалното, тој е во фактот што практичните корисници на тој простор, овие ментално фосилни и длабоко корумпирани остатоци, кои со децении „преживуваат“ зад масивните бироа, едноставно не се дораснати за таквите позиции. Тие згради беа замислени да рефлектираат некаква државотворна тежина.

Наместо тоа, во нивните ходници се преселија и запечатија олицетворенијата на една божемно надпартиска медиокритетска елита. Поединци со бирократско профитерска ДНК, имуни на какви било идеолошки убедувања, за кои политичките програми не значат ништо. Ликови на кои државниот апарат им служел исклучиво како параван за лично богатење, криејќи се зад грбот на секоја претходна политичка гарнитура. Грандиозните објекти за нив не се симбол на државност, туку алатка за легализација на рекетот и изнудата. Колку е зградата помермерна, толку посуптилно зад нејзините ѕидови се прикрива грабежот што го вршат овие изолирани поединци со кои оваа власт сега влегува во конечна битка.

Можете да изградите архитектурно репрезентативно здание, иако пост фестум, пополнувајќи ја временската дупка помеѓу турската касаба и социјалистичкиот брутализам, ставајќи барем некаков европски печат на главниот град, но ако внатре со децении остануваат луѓе со корумпиран ум, зданието брзо ќе ја добие нивната боја. А нема полошо од нов мермер со мирис на стара мувла. Оваа симбиоза помеѓу крутата бирократска логика и чистиот, користољубив опортунизам низ практиката докажа дека без оглед на тоа кој номинално ја водел државата во минатото, оваа интересна група секогаш ги претворала институциите во алатка за лична корист.

За волја на вистината феноменот со вечните функционери не е уникатен и македонски, тој за жал е присутен во добар дел од државите кои транзитираа на патот кон ЕУ. Разликата е само во тоа која од нив колку порано го дијагносттицирала, апострофирала и последично во најголем дел ја сузбила оваа системска аномалија. Во овој контекст би ја издвоил Словенија, држава која неретко ја земаме за успешен пример во скоро сите сегменти од општествено политичкиот живот.

Именно, еден од поеминетните политички фигури во Словенија бившиот претседател на републиката Јанез Дрновшек (1950-2008), во својата книга ‘’Мисли за животот и свесноста’’ (Misli o življenju in zavedanju) од 2006 год ќе напише:

„Кога човекот ќе го изгуби контактот со своето битие, станува играчка на сопственото его. А егото не познава граници, тоа секогаш сака повеќе моќ, повеќе пари, повеќе контрола. Од таа ненаситност се раѓаат корупцијата, пресметливоста и пакоста (злобната намера), кои го уништуваат не само поединецот, туку и целото општество.“

(„Ko človek izgubi stik s svojim bitjem, postane igrača svojega ega. Ego pa ne pozna meja, vedno hoče več moči, več denarja, več nadzora. Iz te nenasitnosti se rodijo korupcija, preračunljivost in hudobija, ki uničujejo ne le posameznika, ampak celotno družbo.)

Иако самиот идеолошки не припаѓам на политичката опција на горепосочениот бивш претседател на Словенија, не би можел а да не ја поздравам храброста и визионерството му пред точно дваесет години да го испостави овој проблем во општеството. Можеби токму затоа денес Словенија оди веќе и неколку чекори понапред, па последните заложбени изјави на актуелната влада на Јанез Јанша за спречување на перeњето пари, илити паркирањето на коруптивниот капитал на функционери од другите ех-ју држави, дава огромна надеж за справување на овој феномен и кај сите останати, вклучително и Македонија.

Како и да е, прочистувањето не започнува со уривање на зградите, туку со храброста да се скрши моќта на овие вечни паразити. Тие се силни само толку колку што нашиот поранешен страв и пасивност им дозволуваа да глумат авторитет. За среќа, сега, кога државата отворено ги таргетира и престануваме да ги гледаме со стравопочит, а ќе ги погледнеме со презирот што го заслужуваат, мувлата конечно ќе започне да се суши.

Поврзани содржини