УКРАИНА ПОЛЕКА ЈА ГУБИ ВОЈНАТА, ИМА САМО НЕКОЛКУ МЕСЕЦИ ЗА ПРЕСВРТ Песимистичка прогноза на доскорешниот украински министер за одбрана
Вкоренетата корупција, клиентелистичките мрежи и недостигот на политичка независност на државните институции дополнително ја кочат земјата, оценувајќи дека државата функционира со само „пет отсто ефикасност“ – вели Федоров.
Украина се чини дека полека ја губи војната против Русија и има уште неколку месеци да донесе клучни одлуки за да го сврти текот на конфликтот во своја корист – изјави за Ројтерс разрешениот украински министер за одбрана Михаило Федоров, пренесуваат западни медиуми.
– Мислам дека сега сме на пресвртница што ќе ја одреди нашата иднина, но изгледа дека постепено, полека губиме – изјави Федоров, значително отстапувајќи од официјалната реторика на Киев, но додаде дека Украина сè уште ги има сите шанси да победи доколку итно донесе план за завршување на војната.
Федоров (35), млад реформатор чие разрешување минатиот месец предизвика повеќенеделни протести, оцени дека Украина нема сеопфатна визија како да победи во конфликтот што трае веќе четири години и дека нејзиниот напредок е попречен од неспособноста за воведување иновации. Тој додаде дека вкоренетата корупција, клиентелистичките мрежи и недостигот на политичка независност на државните институции дополнително ја кочат земјата, оценувајќи дека државата функционира со само „пет отсто ефикасност“.
На Украина ѝ требаат избори, иако е во војна
Кабинетот на украинскиот претседател, одговарајќи на коментарите, соопшти дека Федоров, додека бил министер за одбрана, позитивно зборувал за начинот на водење на војната и дека во меѓувреме се променил единствено неговиот личен статус.
Разрешувањето на Федоров уследи шест месеци по неговото именување, откако започна реформи во областа на набавките и мобилизацијата, со што влезе во судир со воениот естаблишмент и политичките ривали. Минатата недела тој ја потресе украинската политичка сцена кога како прв истакнат политичар побара одржување избори за време на војната, предупредувајќи на „системска“ криза во управувањето.
Се намалуваат залихите на пресретнувачки ракети
Состојбата на теренот останува тешка. Русија секој месец со десетици балистички ракети гаѓа украински фабрики и складишта, а Украина не успева да собори голем дел од нив поради сè помалите залихи на ракети за пресретнување. Иако Русија освојува помалку територија отколку минатата година, таа и натаму полека напредува во Донбас, додека малубројните пешадиски позиции на украинската фронтовска линија главно се пополнети со демотивирани регрути. Од друга страна, Украина ги засили нападите со дронови и ракети длабоко на руска територија, при што погоди некои клучни воени фабрики, предизвика сериозна штета на рафинериите за нафта и доведе до недостиг на гориво низ целата земја. Притоа, анкета спроведена кон крајот на јули покажа дека 82 отсто од Украинците веруваат во победа, иако мнозинството очекува борбите да продолжат и во 2027 година или подолго.
Постојат технологии што можат да ги запрат Русите
Во однос на воената технологија, Федоров ја истакна важноста од развојот на автономни дронови управувани со вештачка интелигенција, евтини ракети за пресретнување на руските воздушни напади и украинската програма за балистички ракети. Тој изнесе визија за фронтовска линија покриена со електронски сензори за откривање на непријателот, со употреба на дронови на земја и во воздух за присуството на луѓе да се сведе на минимум.
– Технологиите што би можеле целосно да ги запрат Русите веќе постојат, но поради недостигот на визија не ги применуваме – истакна тој.
Федоров посочи дека бил еден од главните иницијатори на овогодишната кампања со напади со дронови врз руската логистика за снабдување со гориво и воената логистика во окупираниот дел од југот на Украина, чија цел е изолирање на Крим пред Русија да најде начин да одговори. Тој претходно изјави дека за успехот придонела неговата одлука однапред да ги потроши средствата предвидени за втората половина од 2026 година.
Федоров направил дупка во одбранбениот буџет
Оваа одлука предизвика реакција од претседателот Володимир Зеленски, кој изјави дека однапред пренасочените средства оставиле дупка од 27 милијарди долари во буџетот на Министерството за одбрана. Федоров одговори дека не знае од каде му е таа бројка на Зеленски, тврдејќи дека планот за трошење се потпирал на заштеди од нови тендери и меѓународна поддршка, со проектиран дефицит од околу пет милијарди долари до крајот на годината. Тој додаде дека кога дошол на функцијата, затекнал раководители именувани на барање на одбранбени компании за застапување на нивните интереси.
Зеленски: Изборите може да ја уништат Украина
Повикот на Федоров за избори наиде на негодување кај многу Украинци и на осуда од Зеленски, кој оцени дека тоа би можело да ја уништи Украина за време на војната и сугерираше дека можеби надворешни актери го поттикнуваат Федоров – тврдење што тој одлучно го негира.
Украина е под воена состојба од февруари 2022 година, при што, според Уставот, од безбедносни причини забранува одржување избори. И покрај логистичките предизвици, Федоров смета дека земјата би пронашла иновативни решенија, но порача дека е прерано да се зборува за негова евентуална претседателска кандидатура. Во меѓувреме, тој планира времето да го подели меѓу залагањето за избори и проекти за воени технологии, вклучително и инвестициски фонд за кој ќе собира капитал за време на претстојната посета на САД.