100 МИЛИОНИ ДЕНАРИ ЗА ОХРИДСКАТА ГИМНАЗИЈА Почнува големата обнова на „Св. Климент Охридски“

Премиерот Мицкоски со владина делегација изврши увид во тековните проекти во Охрид, каде се најавени инвестиции во образованието, инфраструктурата и подобрување на условите за граѓаните.

0

Премиерот Христијан Мицкоски, заедно со вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски, министерката за образование и наука Весна Јаневска и градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков, денеска извршија работна посета на Охрид, каде извршија увид во повеќе тековни градежни активности.

Во рамки на посетата, владината делегација ја посети охридската гимназија „Св. Климент Охридски“, каде е во тек целосна реконструкција на објектот. Проектот е вреден околу 100 милиони денари, а предвидува целосно подобрување на условите за учениците и наставниот кадар.






Како што беше информирано, досега се реализирани активности за уредување на училишниот двор и поставување нова ограда околу објектот. Во следните фази е предвидена реконструкција на системот за затоплување, замена на внатрешната и надворешната дограма, реконструкција на подовите, спортската сала, покривот, како и поставување нова фасада.

Премиерот Мицкоски оцени дека ваквите проекти се директно насочени кон подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.

– Ние веќе трета година, како што ветивме во изборната кампања, голем дел од средствата од централниот буџет ги пренасочуваме кон општините. Досега по различни основи се поддржани проекти во вредност од околу половина милијарда евра, односно приближно 1.200 проекти. Дел се завршени, дел се во реализација, а дел се во фаза на тендерирање – изјави Мицкоски.

Тој додаде дека овој пристап, според него, има двоен ефект – подобрување на условите за живот на граѓаните и позитивно влијание врз економските показатели.

– Цениме дека ваквиот пристап беше успешен бидејќи се реализираат проекти кои се во прва линија на интерес на граѓаните. Истовремено, тие придонесуваат и за економскиот раст – рече премиерот.

Министерката за образование Весна Јаневска посочи дека покрај реконструкцијата на гимназијата, во Охрид се реализираат и други проекти во образовниот сектор.

Таа информираше дека се вложува во Регионалниот центар за стручно образование и обука „Ванчо Питошески“, како и во Електро-машинскиот центар „Св. Наум Охридски“.

Јаневска најави и целосна реконструкција на Студентскиот дом „Никола Карев“, проект вреден 5,5 милиони евра.

– Работиме за младите и им овозможуваме подобри услови. Студентскиот дом во Охрид е во лоша состојба. Направивме ревизија и во моментов се работи на промена на раководството. Домот од денеска е затворен и очекувам пред крајот на годината да започне неговата реконструкција – изјави Јаневска.

Градоначалникот Кирил Пецаков истакна дека со реконструкцијата на гимназијата „Св. Климент Охридски“ ќе биде завршен процесот на целосно обновување на средните училишта во општината.

– Она што како локална самоуправа го поставивме како динамика на реализација на сериозни и капитални проекти, продолжува. Тука е и проектот за реконструкција на улицата „Кленоец“, заедничка инвестиција со Владата вредна околу 83 милиони денари, со целосна промена на атмосферската и канализациската мрежа, асфалтирање и уредување на тротоарите – рече Пецаков.

Тој информираше дека во изминатиот двегодишен период во Охрид се реализирани или се во завршна фаза 23 проекти со вкупна вредност од 16 милиони евра.

Од нив, 9,5 милиони евра се средства обезбедени како директна поддршка од Владата, додека останатите средства се од буџетот на Општина Охрид.

Поврзани содржини