ТРГОВЦИТЕ ПОД ЛУПА, АНАЛИЗА НА 700 ПРОИЗВОДИ Владата ќе предупредува за повисоките маржи

Министерството за економија и труд ја завршува анализата на цените и маржите на околу 600 до 700 производи, а премиерот Христијан Мицкоски најави предупредувања за трговците кај кои е утврдено зголемување на маржите.

0

Премиерот Христијан Мицкоски најави дека Владата во најкраток можен рок ќе преземе мерки кон трговците кај кои е утврдено зголемување на трговските маржи, откако ќе биде финализирана анализата за цените на околу 600 до 700 производи.

Одговарајќи на новинарско прашање при увидот во реконструкцијата на СОУ „Св. Климент Охридски“ во Охрид, Мицкоски информираше дека наскоро во Министерството за економија и труд ќе се одржи состанок со претставниците на трговските компании.






– Очекуваме во најкраток период оние кои малку ги зголемиле маржите во споредба со истиот период минатата година – од два до пет процентни поени над постојните бруто-профитни маржи – да бидат предупредени. Ако некој имал маржа од 10 проценти, а сега е 12 или 15 проценти, ќе биде предупреден – изјави Мицкоски.

Тој посочи дека Владата веќе располага со анализа за цените и маржите на стотици производи и дека по нејзиното финализирање ќе бидат преземени соодветни чекори.

Премиерот оцени дека најновите податоци за инфлацијата се охрабрувачки. Според него, инфлацијата во јуни изнесувала 3,4 проценти, што, како што рече, е најниско ниво во регионот.

– Кај храната и безалкохолните пијалаци инфлацијата е 2,5 проценти, а кај облеката и обувките 2,1 процент. Најголем притисок има кај тутунот и тутунските производи, алкохолните пијалаци и транспортот, пред сè поради состојбите во регионот на Заливот и зголемените транспортни трошоци – истакна Мицкоски.

Тој додаде дека ваквите економски показатели претставуваат позитивен резултат во услови на глобална економска неизвесност, потсетувајќи дека во 2022 година инфлацијата достигнувала 14 до 15 проценти.

Поврзани содржини