20 ОТСТО ПОЕВТИНИ СТАНОВИ ЗА МЛАДИ БРАЧНИ ПАРОВИ Мицкоски најави посебен закон и услов за градежниците

Најмалку 10 проценти од станбената површина ќе треба да биде наменета за оваа мерка, а цената ќе се пресметува врз основа на просечните продажни цени од претходната година во соодветната катастарска општина.

0

Владата подготвува специјален закон со кој градежните компании ќе бидат обврзани да понудат станови со 20 отсто попуст за млади брачни парови. Компаниите ќе треба да издвојат најмалку 10 проценти од станбената површина за оваа намена, а доколку не ги исполнат условите, нема да добијат дозвола за градба, најави премиерот Христијан Мицкоски во интервју за „Топ тема“ на телевизија „Телма“.

Мицкоски рече дека законското решение сè уште се разработува и дека за неговиот опфат веќе разговарал со членови на својот кабинет и со вицепремиерот и министер за транспорт.






– Ќе донесеме закон во парламентот во кој ќе ги обврземе. Го разработуваме, денеска имавме состанок со луѓе од мојот кабинет и потпретседателот на Владата и министер за транспорт отприлика за опфатот. Најверојатно ќе биде специјален закон кој ќе дојде во парламент – рече премиерот.

Објаснувајќи како ќе се пресметува цената на становите, Мицкоски посочи дека како репер ќе се зема просечната продажна цена во претходната година за соодветната катастарска општина. Од тој просек ќе се пресметува попустот од 20 проценти.

– Во закон ќе биде сè регулирано, репер-цена ќе биде претходната година за таа катастарска општина во којашто се продавани, ќе го извадиме просекот и врз основа на тој просек 20 проценти ќе има попуст, инаку нема да добијат дозвола за градба, многу едноставно. Минимум 10 проценти станбена површина. Сè ќе биде разработено во законот и ќе има упатувачка норма кон подзаконски акти – посочи Мицкоски.

Премиерот ги отфрли можностите за субвенционирање на градежните компании, оценувајќи дека нема потреба од државна финансиска поддршка за да го овозможат попустот. Како аргумент го наведе профитот што, според него, компаниите го остварувале од продажбата на станови во Скопје.

– Нема потреба да има субвенција, доволно остваруваа профит по 3.000 евра по квадрат во Скопје – нагласи Мицкоски.

Осврнувајќи се на реакциите од опозицијата, премиерот рече дека добива различни критики за односот на Владата кон градежниот сектор. Според него, додека претходно опозицијата ја обвинувала Владата дека ги штити градежните компании, сега тврдела дека со најавената мерка ќе им го одземе профитот.

– Повторно се создава една чудна порака која доаѓа најчесто од медиуми блиски на опозицијата и од самата опозиција. Довчера нè обвинуваа дека ги штитиме градежните компании, од вчера и денеска нè обвинуваат дека ќе го земеме профитот на големите градежни компании. Навистина понекогаш се чудам на пораките кои доаѓаат оттаму и затоа одбивам да ги коментирам – рече Мицкоски.

Мерката, според најавата на премиерот, треба да биде уредена со посебен закон, а дополнителни детали ќе бидат разработени и со подзаконски акти.

Поврзани содржини