СЕ СПРЕМА АПЛИКАЦИЈА ЗА СТУДЕНТСКИ ОБРОК Владата најавува 50 милиони евра за реконструкција на домовите

Студентскиот оброк ќе биде зголемен, а Владата подготвува дигитална апликација преку која студентите ќе добиваат и дополнителни поволности. Премиерот Христијан Мицкоски најави и околу 50 милиони евра за реконструкција на ученички и студентски домови.

0

Владата подготвува нова апликација за студентски оброк, која треба да овозможи поголема финансиска поддршка и дополнителни привилегии за студентите. Истовремено, за реконструкција на неколку ученички и студентски домови се планирани околу 50 милиони евра, најави денеска премиерот Христијан Мицкоски.

Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски рече дека Владата работи на поширок модел за подобрување на студентскиот стандард, кој нема да се ограничи само на зголемувањето на средствата за оброк.






– Третата мерка, а тоа е оброкот којшто е многу популарен, гледам некои од политичките партии жестоко го злоупотребуваат, што не би требало така да биде, но како и да е, тоа останува на нивната чест и совест, но она коешто ние како Влада сакаме да го постигнеме е во голема мерка да го подобриме стандардот на студентите. Сега зборувам за студентскиот стандард и студентскиот оброк – рече Мицкоски.

Новото решение се подготвува во соработка со Генералниот секретаријат на Владата, Министерството за дигитална трансформација, Министерството за образование и наука и Министерството за финансии.

Според премиерот, апликацијата ќе им овозможи на студентите да користат и други поволности, покрај средствата за субвенциониран оброк.

– Ние цениме дека на овој начин драматично ќе го олесниме студирањето и ќе го подобриме студентскиот стандард. Работиме на апликацијата, работиме со колегите од Генералниот секретаријат, од министерствата за дигитална трансформација, за образование и наука и финансии и очекувам многу скоро да излеземе со ова иновативно дигитално решение коешто го нема во Европа. Ниту една држава во Европа нема ваков тип решение коешто ќе го имаат македонските студенти – изјави Мицкоски.

Премиерот не прецизираше за колку ќе се зголеми студентскиот оброк.

– Работиме во моментот и многу скоро ќе излеземе со информација, затоа што ова решение коешто ние го нудиме е иновативно и досега ниту една држава не го имплементирала, затоа што ги надминува границите на студентскиот оброк и опфаќа многу поширока лепеза на придобивки – посочи премиерот.

Мицкоски најави и нови инвестиции во студентското домување. Според него, еден студентски дом веќе е завршен и пуштен во употреба, додека уште еден треба да биде отворен до крајот на годинава или на почетокот на следната.

Премиерот ги спомена и грантовите за самовработување на лица до 29 години, како и обезбедувањето електронски уреди, како дел од владините мерки за младите.

Поврзани содржини