ЗАКАНИТЕ КОН НОВИНАРОТ ЛАНДОВ СЕ НЕПРИМЕРЕНИ, МВР ПРЕЗЕМА МЕРКИ Агенцијата за медиуми бара да се откријат заканувачите

Заканите кон Ландов биле упатени преку коментари на Фејсбук по емитувањето на емисијата „Претрес“, во која се зборуваше за наводно полициско насилство во Охрид.

1

Министерот Тошковски вели дека не секогаш се постапувало максимално професионално, додека АВМУ и ЗНМ бараат институционална реакција по заканите упатени кон новинарот по емисијата „Претрес“.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски тврди дека МВР ги презело сите потребни чекори во врска со случаите на насилство и закани, вклучително и заканите упатени кон новинарот Кристијан Ландов по објавувањето на емисијата „Претрес“, посветена на полициското постапување во Охрид.






Одговарајќи на новинарско прашање, Тошковски оцени дека полицијата не постапувала секогаш максимално професионално и дека имало грешки, но посочи дека реагирал и Одделот за внатрешна контрола.

– МВР ги презело сите чекори за секое едно насилство, закана или предизвикување општа опасност. Дали секогаш сме одговориле максимално професионално? Апсолутно не. Дали сме имале грешки? Да. Дали Одделот за внатрешна контрола реагирал? Да. Дали кривични дела ќе има? Да. Прашањето е како ќе одговорат соодветно. Ме радува тоа што жртвите во оваа година се охрабрени и институциите се пофокусирани – изјави Тошковски.

Заканите кон Ландов биле упатени преку коментари на Фејсбук по емитувањето на „Претрес“, во која се зборуваше за наводно полициско насилство во Охрид. Во еден од коментарите, профилот „Ivica Misajle“ му порачал на новинарот: „Ај малце намали (…) да не ти лизне колата, а младо дете си“, додека профилот „Ilija Ile Krsteski“ напишал дека „ќе му одвртат некој шраф од некое колце“.

Здружението на новинарите на Македонија оцени дека пораките алудираат на намерно оштетување на автомобилот, што би можело да предизвика сообраќајна несреќа. Ландов ги пријавил заканите во полиција.

Сериозна загриженост изрази и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), оценувајќи дека заканите по живот упатени кон новинарот преку социјалните мрежи се целосно неприфатливи.

Од Агенцијата потсетуваат дека безбедноста на новинарите е основен предуслов за слободно, независно и професионално новинарство и дека тие мора да можат да ја вршат работата без страв, закани, притисоци и насилство. Особено загрижувачки, според АВМУ, се пораките што содржат алузии на можност за физичка штета и загрозување на личната безбедност.

Агенцијата очекува надлежните институции да ги разгледаат пријавените закани и да преземат соодветни мерки. Истовремено, апелира на одговорна јавна комуникација кон медиумите, особено од организации и претставници на институциите.

Од АВМУ посочуваат дека за евентуални забелешки во врска со медиумското известување постојат законски и саморегулаторни механизми, меѓу кои правото на исправка и одговор, како и можноста за поднесување претставки до Советот за етика во медиумите и Советот на честа при ЗНМ.

Притоа, Агенцијата потсетува дека и новинарите и медиумите имаат одговорност за објавените содржини и обврска да ги почитуваат професионалните и етичките стандарди, вклучително и точноста, објективноста и проверката на информациите.

Тема на поткастот на Ландов биле пречекорување на овластувањата од страна на локални полициски службеници. Станува збор за две сведоштва за наводно полициско насилство во Охрид, објавени во емисијата на 18 ноември. Главниот случај е на 19-годишниот Дарко Николоски, за кого неговиот брат Горан тврди дека на 1 ноември бил изнесен од ноќен клуб и претепан од полициски службеници на паркинг во центарот на Охрид. Според неговото сведоштво, настанот се случил за време на полициска акциска контрола во угостителски објекти, а дел од полицајците наводно го одвеле младиот човек на место без видеонадзор. Во емисијата била прикажана и снимка од безбедносна камера, како и медицинска документација.

Дополнително, во емисијата сведочела и Лихнида Петреска, мајка на 15-годишниот Горазд, која тврди дека на 29 јули полицајци го удриле со службено возило додека се враќал од работа со мотор, а потоа го тепале со боксови, клоци и пендреци, дури и го газеле по главата и телото. Според нејзиното сведоштво, момчето неколкупати губело свест, а полицајците му се заканиле да не го пријавува случајот. За овој настан, МВР на 20 ноември соопшти дека се точни наводите за полициска бруталност и дека ќе поднесе кривични пријави против двајца полицајци од Охрид и еден од Србија, за малтретирање во вршење на службата.

Неодамна полицијата соопшти дека покренала кривични пријави за тројца полициски службеници, двајца од Охрид и еден од Србија, за инцидент што се случил на 29 јули годинава, кога полициските службеници сопреле мотоцикл управуван од малолетник кој немал возачка дозвола и се обидел да избега. МВР спровело истрага за употреба на прекумерна физичка сила, гумена палка и тврд предмет врз малолетникот, при што му биле нанесени повреди на повеќе делови од телото. Двајцата македонски полицајци, освен кривична пријава, ќе бидат суспендирани, а српскиот полицаец ќе добие само кривична пријава, за што ќе биде известено и српското МУП.

Поврзани содржини