КРЕМЉ ГИ ОТФРЛИ ТВРДЕЊАТА ЗА РУСКИ НУКЛЕАРЕН САТЕЛИТ „Има многу шпекулации во западните медиуми“
Германските медиуми, повикувајќи се на западни разузнавачки служби напишаа дека Русија наводно планира до крајот на годината да испрати во орбитата сателит со нуклеарно оружје.
Кремљ денеска ги отфрли тврдењата дека Русија подготвува лансирање сателит со нуклеарно оружје во вселената. Германските медиуми објавија дека леталото, наречено „Спутник-С“, наводно е веќе изработено и може да биде лансирано до крајот на 2026 година.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека руските власти не го виделе извештајот и ги доведе во прашање неговата веродостојност и изворите.
– Не, не сме го виделе тој извештај. Но, тој содржи толку многу наводни и шпекулативни тврдења, припишани на којзнае кого, што е тешко воопшто да се сфатат сериозно – изјави Песков.
Според заедничкото истражување на германските НДР, ВДР и „Зиддојче цајтунг“, разузнавачките служби на неколку земји членки на НАТО располагаат со информации за наводните руски планови.
Германската Федерална разузнавачка служба (БНД) и Бундесверот размениле сознанија според кои „Спутник-С“ бил изработен пред неколку години и оттогаш се чува во московскиот регион.
Според германските медиуми, сателитот би можел да биде лансиран во наредните недели, додека германската војска го смета декември за можен термин.
За овие сознанија наводно бил информиран и германскиот министер за одбрана Борис Писториус.
Русија и во 2024 година ги отфрли американските тврдења дека развива нуклеарно оружје наменето за уништување непријателски сателити.
Американски претставници тогаш предупредуваа дека нуклеарна експлозија во вселената би можела да уништи големи сателитски мрежи, вклучувајќи го и системот „Старлинк“, кој го користи украинската војска.