МВР ГО ОТКРИ ЧОВЕКОТ ШТО МУ СЕ ЗАКАНУВАЛ НА НОВИНАРОТ ЛАНДОВ Станува збор за 38-годишен маж од Кичево

По пријавата за заканувачки коментар објавен на Фесјбук-страницата Претрес.мк, 38-годишниот маж од Кичево бил повикан на разговор и потврдил дека го користи профилот од кој била објавена спорната содржина.

0

Полицијата го утврдила идентитетот на лицето кое преку Фејсбук упатило заканувачки коментар кон новинарот и водител на подкастот „Претрес“, Кристијан Ландов. Станува збор за 38-годишен маж од Кичево, со иницијали И.М., кој на информативен разговор потврдил дека го користи профилот од кој бил објавен коментарот.

Заканата била објавена на 19 ноември, под објава на Фесјбук-страницата Претрес.мк, поврзана со емисијата „Претрес со Ландов“. Новинарот го пријавил коментарот бидејќи го разбрал како закана по неговата физичка безбедност и обид за заплашување поради неговата професионална работа.






По пријавата, Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР презел активности за обезбедување докази и откривање на лицето што го објавило коментарот.

Во координација со СВР Охрид, преку полициската канцеларија во Кичево, 38-годишникот бил повикан на разговор, кој бил спроведен на 23 ноември. За време на разговорот тој потврдил дека е корисник на профилот од кој била објавена спорната содржина.

За случајот е известено Основното јавно обвинителство Скопје, а полицијата продолжува да прибира и обезбедува дополнителни електронски докази. По завршувањето на овие активности, до надлежното обвинителство ќе биде доставен соодветен поднесок.

Од МВР посочуваат дека заканите и заплашувањата кон новинари и медиумски работници ги третираат како приоритетни случаи, имајќи ја предвид важноста на слободата на изразување, независноста на новинарската работа и безбедноста на медиумските работници.

ЗАКАНИТЕ КОН НОВИНАРОТ ЛАНДОВ СЕ НЕПРИМЕРЕНИ, МВР ПРЕЗЕМА МЕРКИ Агенцијата за медиуми бара да се откријат заканувачите

Поврзани содржини