Границите на неодговорноста
Каква е таа „прогресивна“ политика која што непринципиелно спротивставува народи, односно етнички заедници во една држава, промовира ксенофобија и непријателство кон едни соседи само за да се додвори до – други соседи?
Насловот ќе беше соодветен и да гласеше: границите на глупоста. Иако малку ќе „замирисуваше“ на оксиморон зашто граници на глупоста – нема. И тоа е ноторен факт, а многумина кај нас се нагледен пример дека глупоста е безгранична. Но истото, важи и за неодговорноста. Таа, неодговорноста, и глупоста одат рака под рака, се надополнуваат и ги надминуваат сите потенцијални граници. И тоа го докажуваат од ден во ден, од час во час, со сите сили и сите средства.
И заедно ја потврдуваат тезата дека кај нас „демократскиот“ соцреализам е моторот на системот, движечката сила на секоја акција. Па и реакција. И допира до сите сегменти во општеството, особено во политиката, многу често дури и во самиот државен врв. Впрочем оние години по 2017-та и главните политикантски протагонисти во нив сосе нивната „интелектуална“ клиентела се егземпларни години, време со катастрофален импакт врз сегашноста и иднината на државата. Стасаа дотаму тајно да договараат прашања од витално, историско и судбинско значење за граѓаните и за државата, дури и да потпишуваат меѓудржавни договори небаре кафеански сметки од нивните омилени биртии. Таква неодговорност, но и глупост, немало во поновата македонска политика/историја! Барем не со такви димензии.
Не велам дека македонската политика по 1992 година е пример за одговорно, разумно, компетентно и далекувидо однесување, никако. Доволен е примерот на признавањето на Тајван, катастрофата во 2001 година итн.! Згора, на највисоки државни позиции доаѓаа полуписмени шарлатани со еден пар гаќи на газот, а потоа стануваа средно богати бизнисмени, амбасадори и слично, но онакво бахато, арогантно и непринципилено однесување, секојдневно кршење на законите, државната поддршка на криминалот и корупцијата… како во периодот 2017-2024 година – немало.
За некои, односно за една помала тогаш владејачка клика од таа група тоа, меѓу другото, значеше лансирање во повисоките сфери на бизнисот (Дубаи!), меѓународните политички позиции (нато!) и слично, за дел од онаа клиентела министерски и амбасадорски ситуирања, пратенички и советнички места, помали бизниси, посигурни кариери…, сето како резултат на едно тотално неодговорно и ретроградно однесување во државните/националните политики со далекусежни последици. Неодговорноста не размислуваше за утре – очекуваше да биде на власт барем уште една деценија.
Затоа денес овој плач и лелек, оваа дефамација на сè што поинаку се случува во македонската политика. Не велам дека се случува нешто многу значајно, но главните насоки се сепак корегирани. И почнуваат да даваат резултати. Долгорочни. Без оглед на сите застрашувачки бајки за утрешно гладување, за изолација, за непријателство од другите европски земји…, тој „филм“ е само уште едно бедно продолжение на неодговорното и глупаво однесување на една веќе безначајна, ефемерна и саможива групација која што полека, но сигурно се распаѓа одвнатре.
Но, уште е витална во неодговорноста. И глупоста. Последните примери на веќе патолошката опсесија со „српскиот свет“ и „бугарската тема“ во нивната најцрна варијанта не се само врвот на неодговорноста кон државата, глупоста, безобразието, провинцијализмот и одамна демонстрираната страст за командување со туѓиот ум, туку се токму и јавна потврда на „демократскиот“ соцреализам на една групација, „идеолошки“ тотално забегана. И она „идеолошки“ по којзнае кој пат го ставам во наводници зашто таквото нивно „размислување“ и однесување нема ама баш никаква врска со некаква идеологија во нормалната смисла на тој поим туку е чисто лукративна припадност кон една поширока булумента криминогени политиканти. А „идеолошкиот“ предзнак – како она „наследници на СКМ“ или „државотворна партија“ – е само параван за лични и групни болни амбиции.
И во нивното неодговорно политикантско бунило се меша сè што може да застане во шарлатанските им памфлети, му испраќаат „пораки“ на народот небаре се поштари со торби натежнати од различни агенди, па и да врне и да вее, дури и сонце да грее, нивната глупост – или задача? – треба да биде развеана во широката јавност. Згора, на Србите што живеат во Македонија и на Македонците неодговорно им се лепат етикети дека се за Александар Вучиќ, други пак, типично поштарски, испраќаат јавни пораки дека ако сме сакале да покажеме дека го сакаме српскиот народ треба да ја сакаме неговата иднина итн., итн. И бидејќи ние по обичај сме малоумни, особено оние кои биле на митингот во Куманово, овој ветов поштар ќе ни „открие“ дека таа иднина се „стотиците илјади студенти, млади, граѓани на Србија кои ја сочинуваат тамошната демократската јавност“.
Браво. Ете, сега сме просветлени! Или тоа се само светулки од некакви „жарчиња“- остатоци од локалната 2017 година кога овдешната иднина односно оние илјадници „студенти, млади, граѓани“ на Македонија кои ја сочинуваа овдешната демократската јавност беа излажани, а власта беше приграбена од грст неодговорни криминалци?
Од друга страна, само пред неколку дена, оној „меѓународен“ шарлатан од „државотворната“ секта крајно шизоидно – да не речам идиотски! – хистеризираше дека „Ако 3.504 Бугари во нашата држава одеднаш се претставуваат како огромен ризик за државата и народот, тогаш како е можно 35.939 Срби во Македонија да не се никаква закана за македонскиот идентитет, јазик, култура?“!
Не се докрај јасни мотивите на ваквото неодговорно политичко однесување. Тоа не може да биде само лукративниот мотив, зашто тогаш за таквото однесување би важеле некои други „дијагнози“. Или навистина до нивниот ум – ако го има – не допира фактот дека таа и таква внатрешна беспримерна хајка против сè што доаѓа од политичкиот противник, којшто сепак е легална власт во државата, е штетна, крајно неодговорна, ригидно анахрона и најмалку демократска, туку попрво радикално соцреалистичка? Сето тоа жално потсетува на некои мрачни времиња на подметнување и кодошење, на измислување вина и виновници со несогледливи последици по државата. Зашто нивните манипулативни конструкции потоа се враќаат во земјата како соседски и еу (малите букви се…) „извештаи“ (примерот со „српскиот свет“!), како „аргументи“ за санкционирање или валкање на државата и др.
Или, всушност, токму тоа е нивната намера? Зашто, по ѓаволите, па и шумарон Вајц конечно ја сфати штетноста на шарлатанскион Протокол бр. 2!
Но, ако сето ова се прави свесно и со одредена цел, тогаш веќе говориме за нешто друго, а не само за неодговорност, глупост, ограничени умови… Зашто, повторно, да споредуваш односно изедначуваш „ризици“ од две етнички заедници во државата при што едната е во отворен судир со македонската државност, идентитет, јазик, култура… а другата апсолутно нема такви амбиции, да прогласуваш цел народ за про-ова или про-она само заради некаков митинг на неколку стотини луѓе… е прилично лизгав политикантски терен. И впрочем, каква е таа „прогресивна“ политика која што непринципиелно спротивставува народи, односно етнички заедници во една држава, промовира ксенофобија и непријателство кон едни соседи само за да се додвори до – други соседи?
Извор: Теодосиевски уметност