ДЕЛ ОД ПАРИТЕ ЗА ОДБРАНАТА ДА ОСТАНАТ ВО МАКЕДОНИЈА Мисајловски ќе разговара со домашните фирми за развој на воена индустрија

Министерот за одбрана најави средби со македонски компании, а меѓу можностите е и производство на домашни дронови.

1

Би било добро дел од средствата од Буџетот што се одвојуваат за одбрана да може да добиваат и македонски компании со развој на воена индустрија, истакна министерот за одбрана Владо Мисајловски во ТВ гостување. Министерот ги повика експерите и пратениците да придонесат за развој на оваа идеја.

– Веќе има неколку компании. Од утре почнуваме да се гледаме со компании на оваа тема и тие да дадат инпут како ова да го направиме за да видиме дали тие средства да останат тука. Секоја земја го прави тоа. Отвораат свои фабрики, инвестираат во свои фабрики. Мислам дека и ние натаму треба да гледаме – рече министерот за одбрана.






Тој посочи дека стигнува многу опрема како и сите возила, меѓу нив и страјкерите  што до крајот на месецот ќе бидат ставени во употреба, а за хелихоптерите Леонардо рече дека до крајот на годината треба да стигнат два, а во наредните години сите осум. Стигнати се и дел од мистрал системите.

– Она што дополнително секој граѓанин треба да го знае е дека 16 нови договори потпишавме со САД за различен вид на опрема. Тука има беспилотни летала, софтвери, решенија… ќе унапредуваме многу зависно колку ќе имаме средства во буџетот. Се ќе биде за Армијата. Дел е модернизација, дел човековите ресурси, плата итн, дел за инфраструктура – рече Мисајловски.

Мисајловски вечерва изјави дека ние сме безбедна и стабилна држава без ризици, како и дека следува период на модернизација и унапредување на Армијата.

– Сакам сите да знаат дека сме безбедна држава, стабилна држава. Нема ризици. Знаете дека пред извесно време не оценуваа особено нашата лесна пешадиска група. Ги доби највисоките оценки за борбено способни, но она што секој еден го знае е дека ние сме во НАТО. Сепак, колективната безбедност е заедничка. Дали сме способни? Апсолутно. Јас морам да ја пофалам Армијата бидејќи сме институција со најмногу вежби, со најмногу придонес. Секојдневно учествуваме во различни мисии и навистина сме спремни за сите предизвици – изјави министерот  Мисајловски.

Министерот открива дека се менуваат стратешките документи со што ќе се зголеми и борбената моќ на Македонија.

– Тоа значи дека ќе можеме да набавуваме нови системи и тоа ќе биде многу скоро. И она што моментално го размислуваме и го работиме и набрзо ќе има и такви договори се во противвоздушната одбрана. Се разбира, тука се и дроновите кои на различни начини ќе ги набавиме. Имаме состаноци да видиме дали може да има и македонски дронови, со македонски компании. На тој начин средствата што се одвојуваат до нас од Министерство за финансии, од сите граѓани, како да ги употребуваме да вложуваме во македонски компании за да се развива воената индустрија – најави Мисајловски.

Министерот за одбрана најави дека во следните неколку недели ќе има разговори со министерката за финансии за платите и оти очекува вработените да бидат многу задоволни.

Во однос на прашањето за припадниците на Армијата кои наполниле 45 години, Мисајловски рече дека е разговарано со синдикатите и прифатливо е да останат сите опции – останување во МО како цивил, добивање отпремнина или вработување во други институции.

– Целта на ова што го работиме е промена на правилници и со закон е секој да има можност да остане во Армијата, да има можност да ја носи униформата, да е задолжен со оружје и директно она што работел до 45 години да го примени во Армијата – рече Мисајловски додавајќи дека конечното решение сака да биде заедно со синдикатите и оти тоа може да се очекува во следните недели.

Поврзани содржини