Историски лекции
Сериозни политичари и уште посериозни државници или наследници на навистина сериозни државници (како што често сакаат да си се претставуваат!) не можат да имат различни ставови за исти прашања. Најмалку за прашања од историска, витална важност за граѓанинот. И не смеат да останат без соодветен одговор за некакво „лажно минато“ подметнувано од коекакви шуплоглавци.
Нормалните луѓе поставуваат нормални прашања. И разговараат, дури полемизираат, преку нормални аргументи и тези. Е да, ама што е нормално денес, особено кај нас, но и кај некои од соседите, а особено во онаа еу (малите букви се…)?
И зошто кај нас сите „нормални“ нешта се трансформираат во ненормална политикантска врева кога ни доаѓаат високи еу претставници? Се обидуваат да им покажат солидарност понижувајќи си ја земјата, власта, народот…?
Можно е во онаа еу, поточно во Франција и во Германија, да се разговара – дури и учи од ист учебник – за Карло Велики како „за историска личност која ги поврзува двата народа“, како што посочува почитуваната Колбе. Иако, ако поблиску следите некои современи случувања пред и по важни спортски настани помеѓу овие две „пријателски“ држави, нештата не изгледаат баш така романтично. Но на прашањето „Може ли денешните Бугари и Македонци да си замислат дека Гоце Делчев или Цар Самуил би можел еден ден да ги поврзува во цврсто пријателство?“, единствен нормален одговор би бил – не.
Песимистички? Можеби, но зошто?
Затоа што таква ситуација, барем сега и во блиска иднина, е нереална, илузорна, невозможна…, затоа што денешна бугарија (малите букви се…), како впрочем и некогашна бугарија, целосно го негира постоењето на Македонскиот народ/нација, на државата, на јазикот, културата… Како во такви услови да се развие „цврсто пријателство“ кога другиот ве нарекува „титомајмуни“ и Коминтерновска творба“? Поточно, сето тоа можеби и би било возможно кога власт во оваа земја би била една политикантска, историски неука и современо незрела…, ненормална група. Тогаш сѐ би било можно! Но дали и нормално?
Еве една историска паралела: замислете македонскиот воен врв во НОБ во периодот на борбите за ослободување на Скопје (ноември 1944) да дозволел 5. бугарска дивизија (инаку наполно пасивна кај Злетовска Река, а дојдена божем како помош од бугарскиот Татковински фронт) да учествува во ослободувањето на главниот град! Наместо тоа, Главниот штаб им наредил да си се вратат назад во бугарија, уште пред да стигне целата дивизија во Катланово. Но, повторно, замислете да беше поинаку и што сѐ денес ќе слушавме од источната страна на граница?
Речиси идентична ситуација ни се случува и сега, нецели осум децении подоцна: повторно треба да прифатиме една воинствена чета која за нас мисли сѐ најлошо, но ќе нѐ „ослободи“ односно одведе во – еу! Следствено, и без намера да звучам како тврдокорен македонски националист, но ако една политичка структура нема капацитет да ги согледа далекусежните последици од своите одлуки, тогаш таа е незрела, некомпетентна, недржавничка и саможива група со којзнае какви агенди.
А таа „структура“ со години ги активира своите клиентелистички мегафони да разгласуваат дека помошта односно ослободувањето е на дофат на раката но некој не сака тоа да се случи. И се чудат како „3.504 Бугари во нашата држава одеднаш се претставуваат како огромен ризик за државата и народот“. Замислете така да се чуделе и во Главниот штаб 1944 година и да ја пуштеле цела 5. бугарска дивизија да нѐ ослободува?!
Нивниот локален табор сејачи на магла и подбуцнувачи дополнително ја шири европско-бугарската приказна до налудничави размери, а сите нас нѐ прогласува за идиоти кои ништо не разбираат и не ги интересира иднината. Дури молчи и пред некои полуписмени улични интелектуалци кои учеле којзнае какви „истории“ и за кои нашата е „лажно минато“. И тие тоа помпезно го објавуваат, независно што навредува цел еден народ.
И активираат и секакви други налудничави „аргументи“, меѓу нив и дека тие носеле „ тешки, одговорни и државнички одлуки“, со цел „нашите млади да останат тука“ (sic!). За нив „државничка одлука“ е да го смениш вековното име, да склучиш онаков асиметричен „договор“ со соседна држава што со векови те негира, згора и со онаков Протокол и „француска рамка“…? И просто е неверојатно до каде се подготвени да одат со конструирањето на невистините, особено дека „(…) единствена постојна пречка за фактичко започнување на преговорите за членство на Републикава во ЕУ е невнесувањето на Бугарите во Уставот. Други пречки не постојат“.
Ако треба повторно да се бараат историски пандани на вакви валкани пропаганди, веројатно би ги нашле некаде во литературата за онаа 1948 година!
И целата таа машинерија се вклучува на најсилно кога во земјата доаѓа некој висок претставник на еу, па треба да му се покаже дека овде има и „здрави сили“ на кои тие можат да сметаат. Слично на оние загубени б’лгарски души кои отпоздравувале на бугарските чети што марширале низ Македонија во 1941 година!
Или, даваат и совети: „Кога се појават пречките и го попречуваат понатамошниот пат кон целта, тие се отстрануваат“. Како? Па станувате бугари, разбира се! Или, барате референдум како базично демократско право на граѓанинот. Но, зошто референдумот не бил баран кога се склучувал фамозниот „договор“? Или зошто не се почитувале очебијните резултати од референдумот за промената на името?
Сериозни политичари и уште посериозни државници или наследници на навистина сериозни државници (како што често сакаат да си се претставуваат!) не можат да имат различни ставови за исти прашања. Најмалку за прашања од историска, витална важност за граѓанинот. И не смеат да останат без соодветен одговор за некакво „лажно минато“ подметнувано од коекакви шуплоглавци.
А впрочем, што сѐ премолче тој малоумен „фронт“ заради нечии лукративни интереси и во какви сѐ неморални непријателски магли заталка?
Извор: Теодосиевски уметност