АНГЛИЧАНИТЕ НЕ ЗНААТ ЗА ГРАНИЦА, ПОТРОШИЈА 4 МИЛИЈАРДИ ЕВРА НА ТРАНСФЕРИ Клубовите од Премиер лигата повторно урнаа рекорд
Премиерлигашите летово потрошиле околу четири милијарди евра, оставајќи ги далеку зад себе клубовите од Италија, Германија, Шпанија и Франција.
Клубовите од Премиер лигата втора година по ред поставија нов рекорд во летниот преоден рок, откако за нови играчи потрошија околу четири милијарди евра.
Англиските прволигаши и минатото лето беа рекордери со потрошени околу 3,5 милијарди евра, но ова лето дополнително ја зголемија сумата и повторно убедливо се најдоа на врвот на европскиот трансфер-пазар.
На второто место според потрошените средства се клубовите од Серија А, кои инвестирале околу 1,16 милијарди евра.
Следуваат германската Бундеслига со околу 780 милиони евра, шпанската Ла Лига со 755 милиони, додека клубовите од француската Лига 1 потрошиле околу 606 милиони евра.
Разликата меѓу Премиер лигата и останатите големи европски првенства повторно е огромна. Англиските клубови сами потрошиле повеќе од трипати повеќе од клубовите во Италија, кои се втори на листата.
Меѓу клубовите кои потрошија најмногу се издвојува Манчестер Сити, кој според достапните податоци инвестирал околу 500 милиони евра во засилувања.
Огромните суми што ги издвојуваат англиските клубови повторно ја отвораат дебатата за финансиската моќ на Премиер лигата и сè поголемиот јаз во однос на останатите европски првенства.
Премиер лигата со години привлекува најголеми телевизиски и комерцијални приходи, што им овозможува на клубовите да плаќаат трансфери и плати кои за голем дел од европските конкуренти се многу потешко достижни.
Новата трансфер-сума е уште еден показател дека англиските клубови и понатаму доминираат на европскиот пазар кога станува збор за вложувања во нови играчи.