ДВЕ ЛИЦА ОД ТАЈВАН ПРОНАЈДЕНИ МРТВИ ВО СТАН ВО ЦРНИЧЕ Соседите виделе погребални возила, полиција со часови била пред зградата
Двајцата биле пријавени за исчезнати во текот на ноќта, а неколку часа подоцна биле пронајдени мртви. МВР вели дека при првичниот преглед немало видливи траги на насилство.
Две лица од Тајван се пронајдени мртви во стан во скопската населба Црниче, дознава Плусинфо.
Станува збор за 50-годишна жена и 37-годишен маж. Претходно тие двајца биле пријавени за исчезнати од жена, која во полиција дала изјава дека ги нема нејзината мајка и сопругот на нејзината мајка.
Околу зградата попладнево имало зголемено присуство на полициски службеници, што предизвикало вознемиреност и интерес кај соседите.
Тие за Плусинфо раскажуваат дека забележале како телата на починатите биле изнесени од зградата и пренесени во возила на погребални претпријатија. Соседите, сепак, не знаеле што точно се случило во станот ниту поради што полицијата била на местото.
Станува збор за зградата во Црниче која во јавноста е позната и како зградата во која живееше поранешниот премиер Никола Груевски.
Откако ги доби овие информации, Плусинфо побара официјална потврда од Министерството за внатрешни работи.
Од МВР за Плусинфо потврдија дека случајот бил пријавен денеска околу 13:50 часот во СВР Скопје.
Според информациите од полицијата, Н.М. ги пронашла својата мајка Ч.Т.Ј. (50) и сопругот на нејзината мајка Ш.Л.Ф. (37), двајцата државјани на Тајван.
Интересно е што двајцата биле пријавени за исчезнати само неколку часа претходно.
Пријавата за нивното исчезнување била поднесена во 00:49 часот на 2 септември.
По пријавата дека се исчезнати, полицијата започнала со проверка, а подоцна тие биле пронајдени во станот.
Екипа на СВР Скопје излегла на местото, а лекар од Институтот за судска медицина констатирал смрт кај двете лица.
Од МВР велат дека при првичниот преглед немало видливи траги на насилство.
Телата биле предадени на обдукција, која треба да даде повеќе информации за причината и околностите на смртта.
Полицијата продолжува со проверките за да се утврди што точно се случувало во станот и како дошло до смртта на двајцата.
Засега нема официјална информација за причината за смртта.
Случајот го истражуваат надлежните институции, а повеќе детали се очекуваат по завршувањето на обдукцијата и другите проверки.