ШТО СЕ КРИЕ ЗАД СКАНДАЛОЗНАТА ПРЕСТРЕЛКА МЕЃУ УКРАИНСКИТЕ РАЗУЗНАВАЧИ? Шпиунски трилер со многу непознати
Според украинските медиуми, инцидентот е поврзан со мистериозното исчезнување на Степан Каплунов, заменик-командант на Рускиот доброволечки корпус, воена формација од Руси, чии припадници се борат на украинска страна.
Претседателот на Украина Володимир Зеленски остро реагираше на оружениот судир меѓу припадници на Службата за безбедност на Украина (СБУ) и Главната управа за разузнавање (ГУР), што се случи вчера, на 2 септември, во киевската населба Березњаки. Тој најави целосно расчистување на случајот, внатрешни истраги во двете служби и можни кадровски одлуки за одговорните.
„Апсолутно срамна ситуација“
Во своето вечерно обраќање Зеленски го опиша инцидентот како „апсолутно срамна ситуација“ и нагласи дека во услови на војна украинските безбедносни структури мора да дејствуваат против заедничкиот непријател, а не едни против други.
– За денешната апсолутно срамна ситуација меѓу одделни единици на СБУ и ГУР, која се случи во Киев, разговаравме со генералниот обвинител Руслан Кравченко. Генералниот обвинител и Државното истражно биро ќе ги расчистат сите детали: ќе бидат проверени сите сведоштва и изјави на учесниците во оваа приказна, целата ситуација чекор по чекор. Мора да има одговорност, вклучително и кадровски одлуки од раководителите на специјалните служби во однос на учесниците во она што се случи, како и внатрешни истраги во двете служби – рече Зеленски.
Украинскиот претседател дополнително порача дека оружјето во Украина не смее да биде средство за решавање на меѓусебни спорови меѓу државните институции.
– Тука, во Украина, може да се пука само кон руските окупатори за да се брани Украина. Ниту една друга престрелка никогаш нема да биде сфатена од нашата држава како нешто што му е дозволено на кој било – нагласи Зеленски.
Се бара темелна и непристрасна истрага
Претходно, Кирило Буданов, поранешниот шеф на ГУР, а сега раководител на Кабинетот на украинскиот претседател, изјави дека со случајот ќе се занимава Државното истражно биро. Тој побара истрагата да биде „темелна и непристрасна“, но истовремено испрати порака дека и самото постапување на безбедносните структури мора да биде предмет на проверка.
– Ситуацијата сега ќе ја преземе Државното истражно биро. Важно е да се обезбеди темелна и непристрасна истрага, но никој нема право неказнето да киднапира припадници на вооружените сили, да отвора оган по улиците на нашите градови, да издава и да извршува криминални наредби – изјави Буданов.
Советникот на Зеленски за комуникации, Дмитро Литвин, пак, откри дека претседателот лично побарал раководствата на двете служби да излезат пред јавноста и да дадат објаснување. Според Литвин, Зеленски бил незадоволен што институциите по инцидентот молчеле.
– Претседателот им порача на соодветните раководители на структурите да излезат со комуникација кон општеството – изјави Литвин, додавајќи дека Зеленски барал јавноста да добие информации бидејќи „структурите молчеа“.
Кој во кого пукал и зошто?
Истрагата, според украинските власти, треба да покаже што точно се случувало во Киев, кој ја предизвикал вооружената конфронтација, по чија наредба било употребено оружје и дали во целата операција биле почитувани законските процедури. Канцеларијата на генералниот обвинител веќе започнала предистражна постапка, а на местото на инцидентот пристигнале и припадници на Државното истражно биро.
Но, зад официјалната осуда и најавата за истрага останува многу посериозното прашање: зошто воопшто дошло до вооружено соочување меѓу две украински безбедносни структури?
Кој е Степан Каплунов, Русинот што се бори на украинската страна?
Според украинските медиуми, инцидентот е поврзан со случајот на Степан Каплунов, заменик-командант за борбени операции на Рускиот доброволечки корпус, формација чии припадници се борат на украинска страна и која е поврзувана со специјални единици под ГУР. На 1 септември од корпусот било соопштено дека Каплунов исчезнал, а неговиот адвокат тврдел дека бил насилно одведен од непознати лица. Државното истражно биро потврдило дека добило пријава за неговото исчезнување.
Токму неговиот случај се појавува во повеќето украински медиумски реконструкции како можен повод за ескалацијата. Според тие информации, СБУ презела дејствија поврзани со Каплунов, што предизвикало реакција од припадници на ГУР кои биле поврзани со неговата единица. Во раните утрински часови на 2 септември ситуацијата на улицата Јуриј Шумски во Березњаки прераснала во вооружена конфронтација.
Две верзии за една акција против руски терористички напад
Верзијата на СБУ, сепак, е поинаква. Службата соопшти дека нејзина оперативно-истражна група спроведувала процесни дејствија во рамките на истрага за терористички напад за кој, според СБУ, стоела руската ФСБ. Службата тврди дека врз нејзините припадници бил извршен оружен напад и дека поради тоа била повикана специјалната единица „Алфа“.
Украинската „Правда“ објави дека во конфликтот биле повредени тројца припадници на ГУР, додека на местото пристигнале и припадници на Државното истражно биро и раководителот на специјалната единица „Алфа“ на СБУ. Полицијата ја блокирала улицата Шумски, а според сведоштвата и снимките објавени од украинските медиуми, на местото имало голем број вооружени припадници на двете структури.
Особено необично е што СБУ и ГУР во првите часови по инцидентот имаа различни јавни пораки. СБУ соопшти дека заедно со ГУР спречиле терористички напад врз еден од лидерите на руската опозиција кој престојувал во Украина. Слично соопштение накратко се појави и на каналите на ГУР, но потоа беше отстрането, што дополнително ги засили шпекулациите за вистинската позадина на операцијата.
Ривалство меѓу две служби со големи овластувања
Тука се отвора и поширокиот проблем. СБУ и ГУР имаат различни институционални улоги, но во услови на целосна војна нивните активности често се преклопуваат. СБУ е клучната украинска структура за контраразузнавање, внатрешна безбедност и борба против тероризмот, додека ГУР е воената разузнавачка служба. Во текот на војната и двете добија значително поголема моќ и оперативна слобода, вклучително и во тајни операции против Русија.
Таквото преклопување неизбежно создава простор за ривалство околу оперативците, ресурсите, информациите и надлежностите. Особено чувствителна е ситуацијата кога една служба ќе преземе дејство против лице кое друга служба го смета за свој припадник, соработник или оперативен ресурс. Тогаш прашањето повеќе не е само кој има формална надлежност, туку и кој ја контролира операцијата на терен.
За едната служба непријател, за другата соработник?
Украинските медиуми потсетуваат и на претходни случаи во кои односите меѓу СБУ и ГУР биле тензични. Најпознат е случајот со Денис Киреев, член на украинската делегација во преговорите со Русија во првите денови од инвазијата, кој во март 2022 година беше убиен од припадници на СБУ. Подоцна тогашниот шеф на ГУР Буданов тврдеше дека Киреев работел за военото разузнавање. Случајот остана оптоварен со спротивставени толкувања за неговата улога и околностите на неговото убиство.
Последниот инцидент во Березњаки може да е повеќе од недоразбирање на теренот. Доколку истрагата покаже дека зад престрелката стоеле нерешени институционални конфликти, борба за надлежности или непочитување на командниот синџир, тогаш случајот може темелно да го разниша украинскиот безбедносен апарат во текот на војната.
ПРЕСТРЕЛКА МЕЃУ ТАЈНИТЕ СЛУЖБИ НА УКРАИНА Пукање во Киев, тројца ранети разузнавачи