ЛИКОТ НА ДАНЕЛА АРСОВСКА ПРИКАЖАН НА ЗГРАДА НА ТАЈМС СКВЕР ВО ЊУЈОРК Поранешната градоначалничка стана дел од работна група што дава препораки за политики на Г20
Поранешната градоначалничка на Скопје данела Арсовска се пофали дека е прикажана на Nasdaq Tower во Њујорк, за време на отворањето на Nasdaq Capital Market, како признание за нејзиниот ангажман во работната група B20 USA.
Ликот на поранешната градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска, се појави на познатата зграда Nasdaq Tower на Тајмс Сквер во Њујорк.
Арсовска објави дека станува збор за признание за нејзиниот ангажман како член на работната група на B20 USA, во рамки на процесот поврзан со Г20, која работи на креирање приоритети и препораки за унапредување на глобалниот економски раст.
„Посебно признание за мене е што бев прикажана на Nasdaq Tower на Тајмс Сквер во Њујорк за време на отворањето на Nasdaq Capital Market, како признание за ангажманот во работната група на G20, B20 USA и придонесот во обликувањето на приоритетите и препораките за глобален економски раст“, објави Арсовска.
Според Арсовска, работата на тимот е насочена кон препораки во областите на економскиот раст, инвестициите, иновациите, конкурентноста и глобалните пазари на капитал.
„Горда сум што нашата заедничка работа беше препознаена на едно од највидливите светски места за бизнис, капитал и иновации“, порача Арсовска.
Арсовска пред неколку дена објави дека е избрана за член на G20 United States B20 2026 Economic Growth Task Force, работна група која се занимава со прашања поврзани со глобалниот економски раст и развој. Таа изрази благодарност за довербата и истакна дека е горда што ќе има можност да придонесе со своето искуство во оваа меѓународна иницијатива.
„Навистина ми е чест што се приклучувам на работната група, придонесувајќи кон една од највлијателните светски платформи за јавно-приватен дијалог и глобална економска политика“, наведе Арсовска.
Во текот на наредната година, таа ќе работи со носители на високи политички функции, бизнис-лидери и меѓународни експерти, во соработка со Американската стопанска комора. Целта е да се развијат препораки за политики кои ќе бидат дел од финалното соопштение на Б20, односно заедничкиот глас на глобалната деловна заедница кон лидерите на Г20.
Б20 е официјална група за ангажман на бизнис-секторот во рамките на Г20 и ги поврзува деловните лидери од најголемите светски економии.