ТРИКРАТНИОТ УБИЕЦ ПИЕЛ РАКИЈА СО КАПАЧИТЕ, СПИЕЛ ВО ГРМУШКИ, А НЕМАЛ НИ ЗА ТАКСИ Што правел Михаил во Даниловград пред и по убиствата?

Михаил Шабуњин со денови кампувал покрај реката Зета и се дружел со луѓето на плажата. По тројното убиство стигнал до Херцег Нови со такси, но на крајот немал пари да го плати возењето.

1,133

Ракија со капачите, храна од мештаните и шатор скриен во грмушките. Така изгледале деновите на убиецot Михаил Шабуњин пред тројното убиство во Даниловград. Новите сведоштва сега откриваат необични детали од неговото движење пред и по злосторството, пишува Мондо.

Шабуњин престојувал на плажата Газ, на брегот на реката Зета. Шаторот го поставил под топола, на помалку од еден километар од градскиот мост.






Користел вреќа за спиење, а меѓу две дрвја врзал јаже за сушење алишта. Оттаму пеш одел кон околните села и се појавувал во барови и на пазари.

Мештаните подоцна го препознале на фотографијата што ја објавила полицијата. Тие раскажале дека со денови го гледале покрај реката.

„Исто така, пријавиле дека бил таму со денови, дека седел со капачи, се дружел со нив, но и спиел покрај реката“, соопштиле од полицијата за „Вијести“.

Иако им изгледал чудно, Шабуњин не ги избегнувал луѓето. Напротив, се дружел со излетниците и со капачите.

Со нив пиел ракија. Јадел и од храната што му ја нуделе домаќините. Неколку дена подоцна, неговото движење изгледало сосема поинаку. По тројното убиство во Даниловград тргнал кон Херцег Нови.

Од Роге, каде што го оставил автомобилот, со комбе стигнал до автобуската станица во Подгорица. Таму почнал да преговара со таксистите за превоз до Херцег Нови.

Според сведоштвото што колега на таксистот го пренел за „Вијести“, вообичаената цена била 150 евра. Шабуњин тврдел дека има само 90 или 100 евра.

Таксистот се согласил да го превезе за пониска цена. Шабуњин побарал да го остави над последната куќа во населбата Топла. Кога пристигнале, следувал нов пресврт.

Немал пари да го плати ни договорениот износ. Таксистот затоа ги побарал неговиот телефон и пасош. Шабуњин му ги оставил и заминал.

Набргу потоа таксистот ја видел фотографијата што полицијата ја објавила на социјалните мрежи. Го препознал човекот кого штотуку го превезувал и ја известил полицијата.

Истражителите сега ги анализираат телефоните и контактите на Шабуњин. Се обидуваат да ги реконструираат неговите движења и да го утврдат мотивот за тројното убиство.

Полицијата истражува и зошто не нападнал други луѓе при бегството. Шабуњин сретнал повеќе лица, меѓу кои и луѓето во комбето и таксистот што го однел до Херцег Нови.

 

Поврзани содржини