РЕСТРИКЦИИТЕ ЗА НИКОТИНСКИ ПРОИЗВОДИ ПРЕДИЗВИКАА ПОБУНА КАЈ ЕВРОПЕЈЦИТЕ „Ќе нѐ вратите на цигари“, „Нѐ оставате на банди“…
о јавната расправа најжестоки коментари има од корисници на ќесички и вејпови кои велат дека повторно би се вратиле на пушење на цигари и мерката е контрапродуктивна, а се вклучија и лекари според кои пушачите полесно би се откажале од штетните цигари преку алтернивите на пазарот.
Наспроти позитивните примери во земји од светот кои драстично ја намалиле стапката на пушење преку широка достапност на алтернативните никотински производи, Министерството за здравство информира дека наскоро на владина седница ќе се разгледува најавуваниот Закон за заштита од пушење. На Светскиот ден без тутун, од Министерството потврдија дека ќе ја туркаат предложената регулатива, која пак ја ограничува достапноста до производи како што се никотинските ќесички и електронските цигари. Токму овие производи не содржат тутун и за нивната употреба повеќе истражувања укажуваат на помала штетност за разлика од употребата на цигари.
Лавина негативни реакции предизвика најавата за забрани и ограничувања на ароматизираните алтернативни производи и во рамки на Европската Унија. Илјадници Европјани остро ги критикуваа предлозите на еврокомесарот Оливер Вархеји кои се преточени во предлог европски директиви. Во јавната расправа најжестоки коментари има од корисници на ќесички и вејпови кои велат дека повторно би се вратиле на пушење на цигари и мерката е контрапродуктивна, а се вклучија и лекари според кои пушачите полесно би се откажале од штетните цигари преку алтернивите на пазарот.
„Никотинските ќесички се важни со цел пушачите да имаат избор за производ со помала штетност од цигарите. Веќе две години ги употребувам ќесичките и никогаш не би сакал да се вратам на цигари. Ќесичките ми помогнаа да водам поздрав начин на живот. Моите пријатели пушачи исто така мигрираа. Сметам дека ограничувањето на пазарот ќе значи директно враќање на цигарите“, пишува жител на Германија.
„Се надевам дека ќе го земете мојот коментар предвид. Јас сум бивш пушач кој скоро седум години употребуваше алтернативни производи, но и нив престанав да ги употребувам, а со тоа и никотинот. Мерката ви е популистичка, не е ефикасна“, потенцира жител на Шпанија.
„Како лекарка по општа медицина која секојдневно ги гледа последиците од пушењето на цигари, сметам дека ЕУ мора јасно да ги разликува конвенционалните цигари од алтернативните никотински производи. Најголемата штета доаѓа од горењето на тутунот и изложеноста на токсичните материи како што е јаглеродот моноксид, а не поради никотинот. Целосниот прекин е секако најдобрата опција, но во секојдневната лекарска практика, можам да кажам дека голем број хронични пушачи упорно не престануваат да пушат. За нив, далеку подобро е да се достапни алтернативните никотински производи“, нагласува Теодора Георгаку од Грција.
Претходно, лекари и научници објавија и отворено писмо до претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во кое велат дека ваквите производи „без никакво сомневање се многу помалку штетни од цигарите“. Тие предупредија и дека потрошувачите ќе најдат заобиколни патишта да дојдат до производите на црниот пазар, но тие производи нема да бидат соодветно лабораториски испитани. Вакви се голем дел и од актуелните коментари на европскиот систем за забелешки, каде корисниците направија споредба со американската прохибиција и растот на нелегални производи.
„Сите нѐ праќате кон црниот пазар и кај кинеските банди кои кој знае што ставаат во нивните електронски цигари“, пишува жител на Белгија.
„Ваквите рестрикции често поттикнуваат криумчарење и раст на криминалот, а не решавање на проблемот. Постои потреба за контрола над малолетниците, но не и преку целосни забрани за возрасните. На овој начин ќе се зголеми незаконската трговија и шверцот, со што ќе се намали контролата што ја има државата, како и државните приходи“, нагласи жител на Литванија.
„Како човек што е од индустријата морам да напоменам дека европските никотински производи се меѓу најконтролираните и најсертифицираните во светот. Индустријата во Европа ги почитува строгите протоколи за сигурноста, заштитата на средината и работничките права. Ваквото законодавство кое го обесхрабрува домашното производство парадоксално ќе го премести товарот кон земји со помалку строги правила. Тоа е во спротивност со начелата за одржливост кои ЕУ сака да ги застапува“, додава жител на Италија.
Освен за здравјето, поради несоодветните производи од црниот пазар, многумина се загрижени и за своите работни места и придонеси.
„Јас сум продавач на тутунски производи, многу ми е важна работата зашто со неа го хранам семејството. Не се согласувам со директивите за ограничување на никотинските производи и однапред се заблагодарувам ако ги земете забелешките предвид“, пишува жител на Чешка.
„Ефектот врз работните места исто така не смее да се занемари. Во држави како Италија, овие нови регулативи би биле погубни за малите бизниси и работните места кои тие ги создаваат“ пишува жител на Италија.
„Влијанието врз работните места во секторот е уште еден аспект кој треба да се земе предвид. Со мигрирањето кон сивата економија ја загрозуваме јавната безбедност, но и егзистенцијата на оние кои работат во оваа индустрија. Клучно е да се пронајде рамнотежа која овозможува регулација без забрани на производите“, оценува жител на Полска.
Инаку, со предвидениот Закон за заштита од пушење кај нас, проценките покажуваат дека загрозени се четири илјади мали бизниси, а властите се на пат исто така да се откажат и од десетици милиони евра приход во државниот буџет. Ваквите податоци се во спротивност од намерите искажани во новоусвоената Фискална стратегија за 2027-2031 година, каде се вели дека даночната политика ќе се базира на намалување на сивата економија и поголема наплата на средства во државниот буџет. Во првиот квартал од годинава, во споредба со истиот период лани, веќе има намален прилив по основ на акцизи.
„Приходите од данок од личен доход, данок на добивка, ДДВ и увозни давачки забележаа пораст, додека приходите од акциза и другите даночни приходи се пониски во однос на анализираниот период минатата година“, се вели во новата Фискална стратегија.
Ударот по буџетот од Законот за заштита од пушење доаѓа во период кога власта веќе ги намали акцизите за бензинот и за дизелот, поради воените активности на Блискиот Исток. Се ризикуваат до 10% приход годишно само по основ на акцизи од тутунски и сродни производи. Од цената на една кутија цигари, дури 73% се средства кои завршуваат директно во државната каса. Во последните пет години, само од акцизи, државата наплатила една милијарда и 122 милиони евра.