🎥 УСТАВНИ ИЗМЕНИ И НИШТО ПОВЕЌЕ ОД ТОА, ДОГОВОРЕНОТО ТРЕБА ДА СЕ ИСПОЛНИ, ПОРАЧА КОШТА Мицкоски побара принципи и предвидливост од ЕУ
Разговаравме и за едно многу подлабоко прашање: дали европската идеја и понатаму останува идеја што инспирира, обединува и што создава доверба, рече премиерот Христијан Мицкоски по средбата со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
Проширувањето е наша заедничка цел, а иднината на Северна Македонија цврсто припаѓа во Европската Унија, порача попладнево претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта на заедничката прес-конференција во Владата со премиерот Христијан Мицкоски.
– Вашата Влада покажа посветеност и сакам да ги пофалам континуираните напори што ги вложувате. Особено би сакал да го истакнам неодамнешниот опиплив напредок во спроведувањето на реформската агенда кон усвојувањето на патоказите за владеење на правото и реформата на јавната администрација, што е значајно за пристапниот пат на Северна Македонија, но и за искористување на Планот за раст и пристапувањето. Исто така, го поздравувам вашето целосно усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија – рече Кошта.
Тоа, како што нагласи, испраќа силен сигнал за стратешката ориентација на Македонија и за „заедничките вредности што ги споделуваме“.
– Но, усвојувањето на договорените уставни измени останува единствен начин за формално почнување на пристапните преговори. Тоа е единствениот начин за отклучување на целосните придобивки од членството во ЕУ за граѓаните на Северна Македонија, тоа значи Македонците. ЕУ е најсигурниот партнер на Западен Балкан и на Северна Македонија. Таа останува најголемиот инвеститор и најважниот трговски партнер. Остануваме посветени да ве подржуваме и понатаму и политички и финансиски. Но, на крајот, моќта да ја обликувате вашата иднина е во ваши раце. Единствениот начин да се постигне напредок кон европската интеграција е преку конструктивен дијалог со соседите и преку преземање прагматични чекори за градење доверба и спроведување на неопходните реформи – изјави Кошта.
Премиерот Мицкоски го повтори ставот дека Македонија останува цврсто определена кон европскиот пат. Потенцираше дека Владата во изминатиот период работеше посветено на реформската агенда и така ќе продолжи.
Со Кошта, информираше, разговарале за европската иднина, состојбите во регионот, реформите, економијата, владеењето на правото и за институционалната трансформација.
– Разговаравме и за едно многу подлабоко прашање: дали европската идеја и понатаму останува идеја што инспирира, обединува и што создава доверба? Нашата позиција е јасна. Остануваме цврсто определени кон европскиот пат. Не бараме привилегии, не бараме олеснети правила, не бараме нешто што не им припаѓа и на другите. Бараме принципи и нормално, кредибилен и предвидлив процес. Бараме процес во кој реформите, трудот, заслугите и исполнетите обврски ќе бидат вистински вреднувани. Во изминатиот период работиме посветено на реформската агенда, на јакнење на институциите, на стабилизирање на економијата, на привлекување инвестиции, на подобрување на јавните услуги и на создавање систем што ќе биде поефикасен, поправеден и поблиску до граѓаните. Но, исто така денес отворено разговаравме и за реалноста што ја чувствуваат нашите граѓани. После години чекање, компромиси, очекувања, исполнети барања и чести промени на политичкиот контекст, природно е да во одредена смисла чувствуваат поголема неизвесност, а од друга страна, потребна е поголема извесност. Токму затоа, денес е потребно лидерство. Потребна е јасност, потребна е доверба. Европа била најсилна тогаш кога покажувала визија, политичка храброст и доследност кон сопствените вредности, кога била простор на можности, правда и предвидливост – потенцира премиерот.
На средбата станало збор и за економската интеграција, инфраструктурното поврзување, енергетската сигурност, инвестициите, конкурентноста и за отварање нови перспективи за младите генерации.
На новинарско прашање дали е прифатлив предлогот на македонската влада да се дадат гаранции на Македонија во форма на заклучоци на Европскиот совет околу билатералните теми и идентитетските прашања во процесот на прошрување, Кошта одговори:
– Како што кажав и пред една година, она што е договорено е договорено и навистина мора да го испорачаме договореното и ништо повеќе од тоа. Она што е договорено во 2022 година треба да се испорача и ништо повеќе од тоа. Освен тоа, понатаму се работи за нормалниот процес на проширувањето. Се отвараат и се затвараат разни поглавја, преговорите одат чекор по чекор, а тоа е процес што се заснова на заслуги – рече Кошта.
На дополнително прашање дека не одговорил дали е прифатливо барањето за гаранции во вид на заклучоци од Европскиот совет, Кошта рече дека не е сигурен дека го разбрал добро рашањето.
– Ако ме прашувате дали Европскиот совет може да донесе заклучоци во кои ќе каже дека Северна Македонија испорачала и она што се согласила во 2022 и може формално да ги почнеме преговорите, посакувам што поскоро Европскиот совет да има услови да донесе вакви заклучоци. Но, за тоа е потребно Северна Македонија да го направи тоа што го договорила во 2022 година – рече Кошта.
Во врска со предлогот на германскиот канцелар Мерц за „придружно членство“ за Украина во ЕУ, Кошта рече дека за предлогот ќе се разговара во Советот на ЕУ, но тој самиот не е сигурен дека е потребен специјален статус за Украина, затоа што Украина многу добро испорачува во делот на реформите.
Кошта објасни дека Мерц верува оти процесот на пристапување со шесте земји од Западниот Балкан е полесен одошто со Украина, и за тоа предлага специјален статус за Украина.
Претседателот на Европскиот совет од вчера е во посета на Западен Балкан за да се сретне со лидерите од регионот и да биде копретседавач на самитот ЕУ – Западен Балкан во Тиват, Црна Гора, на 5 јуни.