ИСПРАВЕНИОТ МЕЧ ЗНАЧИ БУДНОСТ И ОДЛУЧНОСТ, СИНАТА БОЈА ЈА СИМБОЛИЗИРА ДОВЕРБАТА, А ЗЛАТНАТА – АВТОРИТЕТОТ Ново лого на Јавното обвинителство
Од двете страни на мечот се наоѓаат тасовите на вагата која е универзален симбол на правдата, непристрасноста и еднаквата примена на законот, соопштени Јавното обвинителство.
Јавното обвинителство денеска го промовираше новото лого, односно новиот симбол на институцијата, кој беше усвоен од Колегиумот на републичкото обвинителство, соопшти институцијата.
„Логотипот е конструиран врз прецизна геометриска структура со цел да се обезбеди визуелна рамнотежа, стабилност и препознатливост во сите формати и апликации. Колорниот систем е составен од темно сина и златна боја. Темно сината ја симболизира довербата, професионалноста и институционалната стабилност, додека златната боја упатува на достоинство, авторитет и вредностите врз кои се темели правдата“, се вели во соопштението.
Создавањето на новото лого не беше замислено како воведување само на нов графички симбол, се додава.
„Целта беше во еден единствен визуелен знак да се претстави целата обвинителска организација, нејзината структура, поврзаност и заедничка мисија во заштитата на законитоста и јавниот интерес. Во самиот центар се издига мечот, што симболично го претставува Јавното обвинителство како носечки столб на обвинителската организација и гарант на нејзиното единствено и координирано функционирање. Поставен е исправено и насочен нагоре како будност, одлучност и постојана подготвеност за заштита на законитоста, јавниот интерес и владеењето на правото“, соопшти Обвинителството.
Од двете страни на мечот се наоѓаат тасовите на вагата која е универзален симбол на правдата, непристрасноста и еднаквата примена на законот. Таа ја претставува заедничката цел кон која е насочена работата на севкупната обвинителска организација, се додава во соопштението.
„Врвките што ги држат тасовите на вагата симболично ги претставуваат вишите јавни обвинителства и нивната улога како важна алка што ги поврзува различните нивоа на обвинителскиот систем и придонесува за неговата стабилност и функционалност.
Околу нив се распоредени 23 ѕвезди што ја претставуваат мрежата на основните јавни обвинителства низ државата. Тие се темелот на системот и местото каде што граѓаните најчесто се среќаваат со работата на обвинителството.

„Во централна позиција е поставена ѕвездата што симболично го претставува Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Нејзината големина е идентична со останатите ѕвезди, што ја нагласува еднаквата важност на сите основни јавни обвинителства во системот, додека нејзината централна поставеност ја одразува специфичната надлежност на ова обвинителство, која се протега на целата територија на државата. На овој начин, сите нивоа на обвинителската организација се обединети во еден единствен знак, кој во целина наликува на европските симболи и го одразува европскиот дух и аспирациите на институцијата да ги достигне европските стандарди на владеење на правото“, соопшти Обвинителството.
Логото беше промовирано денеска во Скопје на конференцијата „Од стратегија до пракса: Јакнење на комуникацијата на Јавното обвинителство со јавноста“, организирана во соработка со проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“.