ПРОЗОРЕЦОТ НА ЕУ ЗА ПРОШИРУВАЊЕ Е ОТВОРЕН КАКО НИКОГАШ ДОСЕГА Марта Кос советува Македонија да не го пропушта овој моментот

Кос вели дека проширувањето функционира според јасни правила и дека никој не може однапред да гарантира дека нема да се појават нови прашања во текот на процесот.

0

Еврокомесарката за проширување и соседска политика Марта Кос оцени дека Македонија е меѓу земјите кои покажале најголем напредок во спроведувањето на Реформската агенда, но порача дека вистинскиот исчекор кон Европската Унија зависи од продолжувањето на пристапниот процес и исполнувањето на преземените обврски.

Во интервју за МИА, во пресрет на денешната посета на Скопје, Кос истакна дека земјата заслужува признание за реформите, поради што може да очекува и поголема европска финансиска поддршка.






– Северна Македонија постигна силен напредок во рамките на Реформската агенда и сега е меѓу водечките земји во Западен Балкан. Колку повеќе една земја ги исполнува реформите, толку повеќе поддршка добива – вели Кос.

Таа нагласува дека денеска во Скопје ќе разговара со премиерот Христијан Мицкоски за европскиот пат на земјата, реформите и спроведувањето на Планот за раст за Западен Балкан. Според најавите од Европската комисија, во фокусот на посетата ќе бидат напредокот во реформите и следните чекори во евроинтегративниот процес.

Осврнувајќи се на застојот во пристапните преговори и барањето на македонската Влада за гаранции пред евентуалните уставни измени, Кос вели дека проширувањето функционира според јасни правила и дека никој не може однапред да гарантира дека нема да се појават нови прашања во текот на процесот.

– Сега имаме можност, што се случува еднаш во генерацијата, да го оствариме проширувањето. Оние што ги исполнуваат своите обврски напредуваат, а оние што не ги исполнуваат – заостануваат. Во моменти на забрзување, застојот значи фактичко назадување – порача еврокомесарката.

Кос смета дека Европската Унија треба побрзо да им ги доближува придобивките од членството на земјите кандидати, наведувајќи ги приклучувањето на Македонија кон SEPA, програмите Erasmus+, EU4Health и Digital Europe како конкретни примери за постепена интеграција уште пред полноправното членство.

Таа предупредува дека предолгото блокирање на евроинтеграциите носи и безбедносни ризици.

– Кога Европа ќе остави вакуум, другите ќе се обидат да го пополнат. Затоа, кога земјите кандидати ги исполнуваат своите обврски, и ние мора да ги исполниме нашите – истакнува Кос.

На крајот од интервјуто, таа упати директен апел до македонските власти.

– Проширувањето е во движење. Северна Македонија припаѓа на европското семејство. Вратата е отворена пошироко отколку кога било во една генерација. Сега е време да се испорача и да не се троши повеќе време на изговори. Искористете го овој прозорец на можност – тоа е во ваши раце – порача Марта Кос во интервјуто за МИА.

За време на еднодневната работна посета на Скопје, еврокомесарката Марта Кос ќе има средба со премиерот Христијан Мицкоски, а според најавите ќе разговара и со претставници на Владата задолжени за европските прашања. Во фокусот на разговорите ќе бидат деблокирањето на пристапниот процес, спроведувањето на Реформската агенда, Планот за раст за Западен Балкан и следните чекори на земјата на патот кон членство во Европската Унија.

Поврзани содржини