„КОМУНАЛНА“ СОБРА НАД 82.000 ТОНИ ОТПАД За шест месеци се издадени 274 записници за несовесно фрлање отпад
Во првите шест месеци од годинава ЈП „Комунална хигиена“ собра 82.296 тони комунален отпад, расчисти диви депонии во сите скопски општини и изрече 274 записници за неправилно одлагање отпад.
Екипите на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје во првите шест месеци од годинава подигнале и транспортирале 82.296 тони мешан комунален отпад од домаќинствата и стопанските субјекти на територијата на главниот град.
Од претпријатието информираат дека во периодот јануари – јули 2026 година биле отстранети и 14.535 кубни метри отпад од диви депонии лоцирани во сите скопски општини. Најголемо количество непрописно одложен отпад – 2.385 кубни метри, било исчистено на територијата на Општина Центар.
„ЈП Комунална хигиена-Скопје продолжува со одржување на јавната хигиена на скопските булевари и улици преку машинско миење со употреба на автоцистерни, што се реализира во доцните вечерни часови. Секојдневно, во три смени, се спроведува миење и метење на плоштадите и пешачките мостови во централното градско подрачје, пешачките патеки и тротоарите на мостовите „Гоце Делчев“ и „Слобода“, како и Старата скопска чаршија“, соопштија од претпријатието.
Во истиот период, Еко-патролата при ЈП „Комунална хигиена“ изготвила 274 записници против физички лица и стопански субјекти затекнати при неправилно одлагање отпад.
Најголем број записници биле издадени во:
Општина Чаир – 148
Општина Гази Баба – 35
Општина Аеродром – 30
Општина Карпош – 21
Општина Центар – 18
Општина Ѓорче Петров – 16
Општина Кисела Вода – 5
Општина Бутел – 1
Од јавното претпријатие додаваат дека паралелно со теренските активности се реализирале и едукативни работилници во основните училишта и градинките, каде што 747 деца биле запознаени со правилното постапување со отпадот и значењето на неговата примарна селекција.