ВУЧИЌ НЕ ГЛЕДА БРЗ ВЛЕЗ ВО ЕУ ЗА МАКЕДОНИЈА, СРБИЈА И ЗА БиХ Деведесеттите сè уште фрлаат сенка врз регионот?

Српскиот претседател смета дека Европската Унија нема да носи одлуки за ново проширување во следните години, но порача дека реформите мора да продолжат. Осврнувајќи се на состојбите во регионот, Вучиќ рече дека последиците од конфликтите од деведесеттите сè уште се чувствуваат.

2

Србија, Македонија и Босна и Херцеговина нема наскоро да станат членки на Европската Унија, смета српскиот претседател Александар Вучиќ. Вучиќ ја изнесе проценката на Конференцијата на претседателите на парламентите на земјите кандидати за членство во ЕУ.

– Не мислам дека ЕУ ќе може да носи одлуки за проширување во следните неколку години, но тоа не значи дека не треба брзо да продолжиме по нашиот европски пат и да спроведуваме реформи – рече Вучиќ.






Тој нагласи дека европскиот курс на земјите од регионот треба да продолжи без оглед на моменталното расположение во Унијата. Вучиќ истакнува дека Западен Балкан досега не ја сфатил доволно сериозно важноста на меѓусебната соработка, пишува Н1.

Српскиот претседател оцени дека не би имало логика Србија да стане членка на ЕУ ако претходно или паралелно не напредуваат и другите држави од регионот.

– Би било бесмислено Србија да стане членка на Европската Унија доколку тоа претходно не го сторат Северна Македонија и Босна и Херцеговина – изјави Вучиќ.

Тој додаде дека земјите од Западен Балкан и понатаму немаат целосно слободен проток на луѓе, стоки, капитал и услуги, иако се тесно поврзани економски и географски.

Осврнувајќи се на состојбите во регионот, Вучиќ рече дека последиците од конфликтите од деведесеттите сè уште се чувствуваат.

– Многу е важно да постигнеме секаков вид соработка со другите земји кои се на европскиот пат – порача српскиот претседател.

Поврзани содржини