„Висока“ бурлеска во земјата на чудата
Кај нив веќе не се знае кој е кој и кој е што, кој е Лудиот шапкар а кој Алиса, кои се Белата и Црвената кралица, за Изборната трка пишуваат дури 10.000 амандмани „и сите почнуваат да трчаат во еден круг, без никаков ред, а Алиса им дава лижавчиња за награда“! Сега ќе му даде и на оној „центарецон“ – пропорционално на неговите заслуги за нивниот дел од народот, колкав и да е – за да продолжи со цистернана од времето на Карол да прави застои рано наутро во Центар!
Од што? Па од нивната реалност, онаа викана „синдром на Алиса во земјата на чудата“ каде поединци – кај нас и цели групи, или секти! – во нивната болест успеваат да „препознаат“ целосно друга, извртена реалност, а себеси се гледаат во сесема поинаква светлина и пропорции. Во тој и таков нивен „свет“ тие не се веќе мали, политички и општествено безначајни а интелектуално скандалозно поразени, туку почнуваат да смислуваат „филмови“ и „бајки“ со неверојатни конструкции, во кои нештата попримаат димензии на налудничава надреалност. Кај нив веќе не се знае кој е кој и кој е што, кој е Лудиот шапкар а кој Алиса, кои се Белата и Црвената кралица, за Изборната трка пишуваат дури 10.000 амандмани „и сите почнуваат да трчат во еден круг, без никаков ред, а Алиса им дава лижавчиња за награда“!
Сега ќе му даде и на оној „центарецон“ – пропорционално на неговите заслуги за нивниот дел од народот, колкав и да е – за да продолжи со цистернана од времето на Карол да прави застои рано наутро во Центар! А можеби ќе му купи уште една? Зашто тоа е нивната идеја за – прогрес! Како и нивниот „став“ за електронско гласање. Тие би дијаспората да доаѓа на магариња дома за да гласа.
А дека синдромот е префатлив односно заразен е неспорно: им го донесе оној „прогресивецон“ од Муртино и сите помислија дека ја имаат „заедничката историја“ во мал прст, дека говорат перфектно српски и англиски, дека се демократи пар екселанс… итн. Денес некои почнуваат дури и јавно да ни објаснуваат – небаре тоа е којзнае каков успех и баш толку многу нѐ интересира! – зошто се нурнале во налудничавиот свет на Алиса (бидејќи, демек, не правеле „компромиси со иднината“), други за да си го вежбаат ракописот пишувајќи амандмани, трети ја прогласуваат својата реалност за единствена реална „а сѐ друго е фејк“ итн. Синдромашкиве гревчиња не пораснале ни педа туку останале во некоја нивна соцреалистичка бајка и упорно ја верглаат (ако пак не ги слушате се лутат и се навредуваат како Зајакот), талкаат низ просторите на фантазијата во коишто сите други се непријатели и непожелни (небаре ние стрчавме да се вгнездиме во нивниот налудничав клуб!).
Она пак што е вистинска шлаканица за сите нас е фактот што оваа „висока бурлеска“ ја играат припадници на некои самопрогласени – но прогласени и од некои други, ним слични! – „високи“ слоеви во македонското општество, персони за кои некој веројатно верувал дека се „кремот“ на државата, а тие да ти биле баш – сматокот!
Велам шлаканица за сите нас зашто, извинете, но не е баш лесно да гледате како еден слој, којзнае според кои критериуми високо рангиран во општеството, во кој сепак, на еден или на друг начин, има и ваш мал финансиски удел во нивното вештачко извишување, континуирано ја упропастува идејата за држава, за демократија, за еднаквост и просперитет… Една општествена групација којашто, прво, се подели во некакви (самонаречени) „партии“ за полесно да ја контролираат ситуацијата во државата, а потоа, не успевајќи да се задоволат со делот од пленот, започнаа вистинска „идеолошка“ – всушност криминална – војна за превласт во земјата. И сега, кога пленот полека им се рони и им бега од рацете а (како сакате толкувајте) над иднината им висат страотно предвидливи години, сега тие се подготовени да шуруваат и со црниот ѓавол – или Лудиот шапкар викан Радев или оние црни отровници фон дер Лајен и налудничавана Калас…? – и да распродадат сѐ што ќе им го спаси задникот?
И затоа им пречат сите иницијативи за поинаков пристап кон реалноста, дури и од нивни сопартијци, па и поединци кои оставиле видлив белег во некогашната СДСМ која што овие синдромаши, да простите, ја рас…! Иако и кај „охрабрениве“ незадоволници има прилично „нејасни“ (како најблаг изарз) аспекти во целата приказна, па дури и фактот што и таму провејува високата бурлеска на некаков „идеолошки судир“ – како на пример кај болшевиците и меншевиците – па и обид за „миење раце“ од сиот оној сурово црн талог натежнат уште од муртинецон, а сега и од оваа Алиса машкоданка. Почетокот на таа претстава не ветува многу зашто (и) таму гледате исти лица заслужни за овие чуда денес, кои глумат дека преку ноќ станале – нешто друго. Но тоа „друго“ јавноста не може да го види зашто нивните собиранки се како оние кај масоните, затворени и забранети за простосмртници, дури и за медиуми!
Останува да се види дали еден ваков нејасен тип на заговорничка „Chatham“ комедија ќе остане само на тоа прилично ниско рамниште или има повисоки амбиции. И чуму таа конспирација, по ѓаволите? Ако се тие денес толку плашливи дури и од сопствените зборови, што ли пак утре јавноста може да очекува од нив?
Сето тоа, за жал, барем засега, наликува на онаа „трла баба лан“, но – ајде да видиме.