Маските полека паѓаат, гнојот излегува

Сега рикаат над сопствената судбина небаре деца од градинка, со надеж дека можеби новата власт ќе им се смилува па ќе ги прибере од улицата? Некои од суријата, кои на времето примаа плати и на список и во кеш, сега ни глумат сиромаси и „ниска класа“!

0

Освен ако не се повлечете во некоја супер-дивина, без телефон и други средства за информации и комуникација, никако не можете да избегате од чудовишнава комедија во сектана што глуми политичка партија. Со елементи на длабоко загноено ткиво што полека се распаѓа. Но и тоа има добри страни зашто и тој циркус конечно ќе заврши, а подобриот дел е што сите полека си го покажуваат вистинското лице криено со децении, кога се претставуваа како „елита“, како некакви социјалдемократи и либерали, како интелектуалци… А всушност гледате сурија глупандери, болни души, особено онаа збирштина која јас од пристојност ја нарекувам „пајтон-интелигенција“!

А мојата дијагноза ја потврдува никој друг туку врховниот „врач“ со маска на лицето и скалпел во рацете дури и во петок навечер. Оперира! Но и таа маска одамна клапна, се урниса под простотилакот на „специјалистот“, но со еднакво болна намера да ги повлече сосебе сите оние шапшали кои онака приземно и кукавички му слугуваа(т). Оние за кои „маската“ открива дека се само најдолни полтрони, „луѓе кои со години работеа“ за сите газди во сектата, дури и кога таа се викаше СДСМ, дека тие – баш онаа групација мафијашки „независни аналитичари“ – „не ја предаваат само партијата“ туку дека „ја предаваат идејата“ итн. Само што главната „маска“ и тука, како и обично, греши: тие никогаш немале ни идеја ниту пак партија. Тие само сакале да имаат стопан кој добро ќе плаќа а тие ќе одработуваат – по нарачка! И тоа трае, еве, цели три децении. Се менуваат само ликовите, маските остануваат.






Се разбира, драматургијата предвидела овие да не се „предаваат“ без борба, па се бранат – како оној кој одработуваше баш за сите со ред, од леви до десни, и обратно – дека тие се „релевантни аналитичари кои со децении се подметнуваат во јавниот простор во одбрана на социјалдемократската и либерална идеологија”! Каква црна аналитика и идеологија, па тие ни „а“ или „и“ од тие поими не препознаваат ако немаат нарачка во соодветна печатена форма и најчесто со – зелена боја. Ниту пак „се подметнувале“ туку само подметнувале, уште помалку нешто предаваат туку постојано само – продаваат!

Сега рикаат над сопствената судбина небаре деца од градинка, со надеж дека можеби новата власт ќе им се смилува па ќе ги прибере од улицата? Некои од суријата, кои на времето примаа плати и на список и во кеш, сега ни глумат сиромаси и „ниска класа“!

И токму таа „фела“ – како и оние „Goodfellas“ – беа/се рак рана на ова општество, политички „девојки“ за сѐ, купи-продај групација, „интелектуалци“ од „Буњаковец“… А како полека се урива тврдината стаорците (ќе) излегуваат на светлината на денот барајќи нови засолништа. И ќе ги најдат, кај нас секогаш (ќе) ги има за такви „категории“ – плукачи и преваранти, џебџии и тапкароши… секогаш им биле неопходни на вакви болни општества!

Можеме само да претпоставуваме како ќе изгледаше македонската политичка сцена без ваквите пијавици во изминативе три децении, или барем по онаа 2017 година и сите идиотизми што тие ги пласираа во јавноста во полза на страотно штетните политики на онаа криминално-коруптивна коалиција, а особено и по промената на власта во 2024 година. Но тоа се тие политикантски крлежи кои беа/се длабоко вгнездени во македонското политичко ткиво благодарејќи на својата слаткоречивост, лукративност, полтронство…

Па оттука, ако некои од нив баш запнале да бараат некаква и нечија одговорност, па дури и „историска“, нека се погледнат прво во огледало а потоа, од дупката на Алиса, нека си ги прочитаат глупостите што ги пишуваа низ годиниве! А и „суперлативите“ што деновиве ги добиваат од газдата. Некои идни генерации на транспаренти ќе ги носат нивните ликови како симболи на едно болно општество!

Но, за да бидам докрај справедлив, не можеме нив – или само нив – да ги обвиниме за сите идиотштини што ги гледавме и слушавме во изминативе години од дувлото на онаа секта што глуми партија. Односно, крлежот не опстанува сам, му треба соодветна „средина“, а таа, богами, му ја пружаше и дел од онаа „фела“ која сега ни се претставува како реформаторска, па и превратничка. Меѓу нив и оние „видни“ поединци кои така добро профитираа од прилепеноста до партиската врхушка уште од времето на Црвенковски, но и со сите по него. И сега успеаја да најдат виновници кои ќе ги покријат нивните гревови.

Ама тоа не функционира баш така, дури ни кај нас. И на таа „кривина“ ги чека оној „маскиранион“, влепувајќи им горливи шлаканици и потсетувајќи ги дека тие се потпорниот дел од поразот, „дел од проблемот“ а не решение, а најмалку некакви реформатори! За таа улога тие имаа толку многу шанси, а не направија ништо: повлечени од шефовите паднаа во дупката викана искривена реалност и мислеа дека сите ќе бидеме таму.

Како што впрочем нема да направат ни сега зашто нивната глума е проѕирна, аматерска односно шарлатанска. Ако нивната „акција“ се сведува на некакви стереотипни и сиромашни „соопштенија“ – што де факто е токму нивната „слика и прилика“ низ годиниве! – при што секој си го пази (да простите) задникот јавноста да не разбере кој што рекол, од тоа нема да има ништо конструктивно. Такви „интелектуални“ муабети се водат на секоја втора кафеанска маса во Македонија. Тоа е чист селско-табланетски „блеф“, обид да се излезе од калта со чисто лице. Што по правило е невозможна мисија!

Поврзани содржини