🎥 НАЈСИЛНА ЕВРОПА Е ТАА ШТО ЖИВЕЕ ВО МИР И ДЕМОКРАТИЈА Претседателката Сиљановска Давкова со моќна порака на Самитот во Анкара

Мотото ‘Посилна Европа – Посилно НАТО’ според мене значи дека проширена и обединета Европа е посилна Европа. Но, најсилната Европа е Европа која живее во мир и демократија базирана на принципи и вредности – рече Сиљановска Давкова пред почетокот на денешниот форум на НАТО во „Баштепе“.

0

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска учествува на состанокот на Северноатлантскиот совет на ниво на шефови на држави и влади, кој се одржува во претседателскиот комплекс „Бештепе“ во Анкара.

Пред почетокот на состанокот, Сиљановска Давкова во изјава за медиумите порача дека проширена и обединета Европа е посилна Европа, но вистинската моќ на Европа лежи во нејзините демократски темели и континуираниот мир.






– Потребно ни е повеќе кантијанизам, а помалку макијавелизам во политиката. Мотото ‘Посилна Европа – Посилно НАТО’ според мене значи дека проширена и обединета Европа е посилна Европа. Но, најсилната Европа е Европа која живее во мир и демократија базирана на принципи и вредности. Тоа е мојата порака – истакна претседателката.

На состанокот на Северноатлантскиот совет, на кој учествуваат лидерите на 32-те земји членки на НАТО, предвидено е Сиљановска Давкова да има свое обраќање.

Во пресрет на самитот, претседателката синоќа присуствуваше на приемот организиран од турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

„Во духот на сојузништвото и меѓусебната почит, со шефовите на држави и влади разменивме мислења за натамошното обликување на евроатлантската безбедносна архитектура, јакнењето на колективната одбрана и зацврстувањето на трансатлантското единство“, објави Сиљановска Давкова на својот профил на Фејсбук.

Македонската делегација на самитот ја предводи претседателката, а во нејзин состав се министрите за одбрана и за надворешни работи и надворешна трговија, Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, како и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски.

На агендата на самитот се јакнењето на колективната безбедност на Алијансата, зголемувањето на инвестициите во одбраната, развојот на одбранбената индустрија и продолжувањето на поддршката за Украина.

Во рамки на самитот, Сиљановска Давкова ќе оствари и билатерални средби со дел од шефовите на делегации на земјите членки на НАТО.

На дводневниот собир во Анкара учествуваат лидерите на земјите членки на Алијансата, генералниот секретар на НАТО Марк Руте и претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, како и министри, дипломати и претставници на меѓународни организации.

Поврзани содржини