Првомајски мајмунлаци

Кога ќе се потсетите на оние историски работнички и синдикални водачи, кога ќе ги прочитате нивните говори, денес просто ве фаќа срам. Овие одвај две простопроширени реченици да склопат, а во двете – минимална плата! Не им треба време и пари за членство во библиотека, за влезница во музеј, за книга…, доволни им се турските серии?

71

Секогаш извонредниот Бенкси во пресрет на овој Први мај ѝ подари на Британија, но и на светот, уште едно ремек дело – скулптура сместена на постамент во централен Лондон. А во тој „свет“ овојпат ја вбројувам и Македонија зашто скулптурата на човек кој со развеаното знаме што му го покрива лицето зачекорува во амбис како да е правена баш за нас. И за нашиов Први мај. (Само)идентификациите се неверојатни – кој сака да ги види, се разбира – а особено за оној „воинствен“ дел на македонската опозиција, нивната „интелектуална“ клиентела, но и за македонскиве синдикалци. Само што човекот претставен од Банкси е во костум и вратоврска, а не во оние нивни џемперчиња со коишто „се борат“ но „не се молат“! И со коишто ќе го срушат капитализмот. Оние илјада луѓе? Па ве молам!

Покрај сите глупости и восклици што ги слушаме особено за овој Први мај, се наметнува прашањето: зарем на македонскиот работник му треба само минимална плата и ништо друго? Зарем сѐ друго му е по ќеф, средено и стокмено, има своја куќа/стан, децата спастрени во одлични училишта, имаат дури и бесплатни учебници, секоја година оди на море со фамозниот К-15 од работодавачот… итн.? Сето тоа го има, само уште платата да му е поголема за една или две илјадарки? Кога ќе се потсетите на оние историски работнички и синдикални водачи, кога ќе ги прочитате нивните говори, денес просто ве фаќа срам. Овие одвај две простопроширени реченици да склопат, а во двете – минимална плата! Не им треба време и пари за членство во библиотека, за влезница во музеј, за книга…, доволни им се турските серии?

А впрочем, тоа кореспондира и со „заложбите“ на синдикалците во културата кои се пенат пелтечејќи за некаков нивен фамозен колективен договор. И тоа пред Уставниот суд, заканувајќи се дека „Тука денес се трасира патот дека секој колективен договор што обезбедува поголеми права од законските (…) утре може да биде доведен во прашање“ (sic!). Па се разбира дека може. И тоа не само што „може“ туку и мора „да биде доведен во прашање“ И како впрочем некаков „колективен договор“, па нека е и за култура, може да обезбедува поголеми права од законските? И кој ќе ги сервисира тие „права“ што некој „ги договорил“ ако, на пример, станува збор за – финансиски права, или за права од работен однос, или…?!

И тоа ни вели дека и во културата е сѐ средено и по мерка на нивните полуписмени „водачи“ освен – некоја илјадарка плус на платата. И условите за работа, и средствата за проекти, и кадровската политика, и усовршувањата…, сѐ им е спастрено според меѓународни стандарди. Влегле ли овие луѓе во странски музеј, библиотека, театар, институт за заштита…, знаат ли како таму се работи? Барем да спомнат и нешто друго освен фамозниот колективен договор!

Но – празник е, треба да се слави. Што? Во државава владее страотна пандемија од незнаење, неодговорност, некомпетентност, неморал… И никој не прашува како може тој колективен договор да биде над законите во државата? Кој, кога и каде тоа ги подучи? Згора, во сопствената некомпетентност, да го навредувате и Уставниот суд кој е единствено надлежен да ја оценува уставноста и законитоста на такви документи. И никој друг, најмалку коекакви неписмени „културни работници“ или оние токмаци од „сојузниот“ синдикат во нивните џемперчиња застанати како сидникална стража на глупостите на „културњацине“ кои појма немаат што е Устав, закон, договор…

Се разбира, ние можеме да си продолжиме да играме такви и слични мајмунлаци внатре во државата, можеме да се правиме – или не? – дека со мининалната плата или надзаконскиот колективен договор ќе ги решиме сите прашања во земјата. И ќе заличиме на нормална држава. Или слепциве мислат дека сите други проблеми се решени? А тоа сѐ повеќе наликува токму на мајмунски играрии во коишто нема правила, чест, морал, знаење… Затоа тие се лажливи, неодговорни и ретроградни, а ги подметнува секоја шушумига која не знае поарно. И кога гледа дека играта не проаѓа односно во неа губи – ги урива фигурите.

А спомнувајќи го веќе Први мај не можам да не го спомнам (повторно) актуелниот Делчев како (меѓу другото) еден од првите познати македонски борци и за социјални права. Оној ист Делчев кому денес секој минорен пезевенк може да му го одредува, или одзема, историското место и реноме кај македонскиот народ. И не само нему туку и на многу други македонски дејци, важни историски датуми и/или настани. Што повторно е мајмунска играрија на неуки шарлатани кои не можат на друг начин да допрат до јавноста освен со подметнување скандалозни нивни „толкувања“ на нештата.

А ние (повторно) забораваме да се оддолжиме на таквите ликови во некоја современа црна книга на македонската глупост. За којашто има многу кандидати, домашни и странски.

Или, ако сакаме, а бидејќи сите тие се огнени приврзеници на оние будалаштини викани „250 Бугари во Устав“, можеме во Уставот да предложиме „црна преамбула“ и таму да го одбележиме оној спомнатион – по име и презиме, но со мали букви, разбира се! – кој не сака да го оптеретува народот со Делчев, кој всушност е мит, ништо не напишал (а овој напишал!) и не извојувал ниту една битка… А за таму би имало и други сериозни кандидати кои, повторно по име и презиме но со мали букви – меѓу нив и оној каракачанов, па радев и борисов сосе пајташот им заев, па филипче и други – би сјаеле со црна светлина во иднината на македонската држава. Сите кои мислат дека имаат право да го прекројуваат минатото а од остатоци од сегашноста да градат некаква иднина. Каква, мајмунска?!

Се разбира, не мислам дека треба да направиме нешто од ова. Ова е само мој мајмунски одговор на нивните мајмунски играрии. Но нешто мора да се направи и тоа мора да го направи новата власт. Ако претендира да биде сериозна, македонска (не во тесна национална смисла), евроинтегративна но не и европоданичка… итн. Поточно, мора да најде начин да ги изолира сите овие мајмунски играрии на поединци и групи, да ги игнорира и/или санкционира. Зашто нивното одамна ги помина границите на демократско право на глас туку се претвори во некакво/нечие „право“ на плукање по сите кои не мислат како нив. А тие се сепак – сива зона! И тоа ќе останат. „Поуките“ на коекакви самопрогласени „аналитичари“ во нивните првоодделенски предавања дека некоја и нечија историја ни ја доделила картата да го решиме македонско-бугарскиот спор, ама ете, ние тераме инает и бегаме „од темата поставувајќи му услови на ’оној што го молиш’“, се скандалозно глупави поуки!

Ако пак премиерот сериозно мисли дека „Ова е нова Македонија во која секој граѓанин допринесува и се труди за иднината на оваа земја подеднакво, не по етничка основа. Ова е поинаква Македонија во која сите сакаме да придонесеме со проект повеќе, политика повеќе и реформа повеќе“, тогаш овие тажни ликови мора да заминат во историјата. Онаа црната! И да останат таму зашто немаат ама баш ништо што би ги квалификувало за ова совремие.

И тоа би била нашата најдобра прослава на Први мај!

Поврзани содржини