ФИЛИПЧЕ ВОДИ „ЛАЖНА ПРОЕВРОПСКА АГЕНДА“ Европа го демантира, тврди ВМРО-ДПМНЕ

ВМРО-ДПМНЕ со нови обвинувања кон СДСМ, тврдејќи дека партијата и нејзиниот лидер се постојано демантирани од европски претставници и институции.

103

Членот на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, денеска на прес-конференција упати остри критики кон опозициската СДСМ и нејзиниот лидер Венко Филипче, обвинувајќи ги дека нивните ставови постојано биле демантирани од европски институции и претставници.

– СДСМ се претставуваат како проевропска опција, а сè што ќе кажат постојано е демантирано од европски институции или од европратеници – изјави Манасиевски.

Тој додаде дека, според него, „проевропска опција“ е само етикета која СДСМ и Филипче ја користат за да ги оправдаат своите политички одлуки од минатото.

– Проевропска опција е етикета која СДСМ и Венко Филипче сами си ја налепуваат само за да даваат лажни оправдувања за сите национални предавства кои ги направија додека беа на власт – рече тој.

Во своето обраќање, Манасиевски се осврна и на изјави на поранешниот функционер на СДСМ и член на Извршниот одбор, Рубин Земон, кој според него изнел ставови со кои се релативизира значењето на Гоце Делчев.

– Додека Венко Филипче говори за национални интереси, неговиот сопартиец и член на ИО, Рубин Земон, јавно изјави дека Гоце Делчев е небитен и дека е мит, со што директно ја релативизираше неговата улога – изјави Манасиевски.

Тој оцени дека ваквите ставови покажуваат дека, како што рече, за дел од СДСМ „едни од темелите на македонската државност се небитни“.

Манасиевски се осврна и на, како што рече, „лажни информации“ поврзани со изјави на европратеникот и известувач за Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц, кои, според него, биле веднаш демантирани.

– Исто така, и лагата која ја ширеа за изјавата на европратеникот Томас Вајц, за која тој самиот веднаш демантираше, заклучи дека Македонија има голем напредок во Реформската агенда – рече тој.

Во обраќањето беше спомната и програмата ИПАРД, за која Манасиевски тврди дека биле ширени неточни информации.

– Да не ја заборавиме и паниката, хаосот и хистеријата која ја ширеа за средствата од ИПАРД програмата, која исто така беше демантирана во известување од страна на Европската комисија – додаде тој.

На крајот, Манасиевски порача дека, според него, СДСМ и понатаму користи исти методи на политичко делување.

– Ваков е проевропски СДСМ. Се служи со лаги, манипулации и спинување на изјави на европратеници и ги омаловажува националните херои. СДСМ на чело со Венко Филипче е истиот СДСМ на чело со Зоран Заев – заклучи Манасиевски.

Поврзани содржини