100 ГОДИНИ ЗООЛОШКА ГРАДИНА ВО СКОПЈЕ Најавени се инвестиции, модернизација и нови содржини
Во присуство на гости, експерти и соработници, градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, го најави почетокот на одбележувањето на значајниот јубилеј 100 години од постоењето на Зоолошката градина Скопје.
Тој истакна дека овој јубилеј има посебно значење како симбол на долгогодишна традиција исполнета со спомени, детска радост и трајни вредности, но и како обврска за создавање подобри услови и посигурна иднина за установата.
На настанот присуствуваше и експертот Марјо Худемакер, чија поддршка, заедно со новата енергија и стручност, ќе придонесе кон процесот на модернизација и унапредување на стандардите, со цел повторно приклучување кон Европска асоцијација на зоолошки градини и аквариуми, соопшти Градот.
Најавени се инвестиции, модернизација и нови содржини, со цел Зоолошката градина да стане простор за едукација и подигање на јавната свест. Ќе се спроведат и кампањи за поддршка и грижа за животните, преку кои граѓаните ќе можат активно да се вклучат.
– Да го уредиме просторот што долги години беше запуштен. Во Зоолошката градина денеска е гостин господинот Марјо, кој е претставник на ЕАЗА, асоцијацијата од која за жал пред неколку години нѐ изфрлија, и ќе дадеме сѐ од себе за да ги подобриме впечатоците таму, но и да видат дека ги менуваме работите за да се вратиме повторно во ЕАЗА со што би се вратила можноста да обезбедиме нови видови животни – рече Ѓеорѓиевски.
На овие цели тој работи заедно со директорката на Зоолошката градина.
– Од денес започнува и кампања со која практично ќе дадеме можност и јавните личности да се вклучат во делот на згрижување на одредено животно за да може секој индивидуално да се грижи за некое животно овде, обезбедувајќи храна, просторни услови итн. – додаде градоначалникот.
Директорката на Скопје ЗОО Катерина Костова најави дека најнапред ќе се реновираат најстарите живеалишта на животните, ќе бидат донесени нови животни, а еден од новитетите ќе биде посетителите да можат во одредени денови и часови да гледаат како зоонегователите ги хранат животните и така ќе може да се научи што јадат животните и како се чуваат. Таа апелираше до посетителите да не ги хранат животните со чипс и со смоки бидејќи тие не се гладни, и секогаш имаат храна.
– Ова е само почеток. Сто години сме издржале многу и наредните сто години се надевам дека ќе биде уште поубаво и дека ќе имаме многу, многу поубава едукација за разлика од сега, понатаму нашите деца да доаѓаат постојано, но и возрасните. Ќе почнеме со реновирање на старите живеалишта и ќе направиме нови Хабитат-европски живеалишта, по стандардите на ЕАЗА и, се надевам, ќе донесеме многу нови животни што досега ги немало кај нас – изјави Костова.
Во зоолошката градина има живеалишта стари и по 50 години.
Костова кажа дека здравствената состојба на животните е добра и оти зоолошката исто така има постари животни.
– Во минатото за жал имавме и птичји грип и ТБЦ. Животните се тестирани, значи дека се негативни на ТБЦ. Можеме да бидеме мирни во врска со тоа. Имаме постара колекција на животни, за жал во изминатиов период немавме нови животни да донесеме за да ја подмладиме таа колекција на животни и затоа работиме на тоа да имаме нови и разни полови на животни, да не се само едни исти. На пример, само машка група или само женска група, туку да бидат мешани за да можеме да ги размножувани – рече таа.
Бројот на животни сега во Зоолошката е 500, и има околу сто видови.
Зоолошката градина Скопје е формирана во 1926 година, од страна на тричлена комисија со која раководел д-р Станко Караман, биолог и доктор по зоологија од Сараево. Истата 1926 година е предложено денешното место за локација на Зоолошката градина. Во тоа време опфаќала 4 (четири) хектари површина, а градината располагала со скромен број на животни, кои претежно биле добиени како подарок од други зоолошки градини и поединци од Балканот и Европа. Во исто време бил отворен и Природно-научниот музеј, а тие извесен период функционирале како една организација, биле изградени и Градскиот парк и Ботаничката градина. Со ова Скопје станал првиот град во тогашните Балкански простори, кои имале ваква природно-научна и зоо структура.