НОВИ СЕМАФОРИ НА АЛЕКСАНДАР МАКЕДОНСКИ В недела ќе се монтираат на една од најфреквентните сообраќајници

Работите ќе се изведуваат фазно, а сообраќајот ќе биде пренасочуван без целосен прекин, информираат од ЈП „Улици и патишта“.

0

Екипите на Јавното претпријатие „Улици и патишта“ – Скопје на 7 јуни 2026 година (недела), со почеток во 08:00 часот, ќе започнат со монтажа на нови портални семафорски столбови на булеварот Александар Македонски, на пешачкиот премин кај бензинската станица „Макпетрол“.

Од претпријатието информираат дека на оваа локација ќе бидат поставени и нови светлосни сигнали согласно одобрен сообраќаен проект, откако претходно биле оштетени во сообраќајна незгода.






„Станува збор за замена и поставување на нова семафорска опрема со цел зголемување на безбедноста на пешаците и учесниците во сообраќајот. Работите ќе се изведуваат фазно, со цел да се минимизира застојот“, велат од ЈП „Улици и патишта“ – Скопје.

Според најавата, изведбата ќе се одвива во две фази. Во првата фаза ќе се работи на страната од влезот во Скопје, при што возилата ќе бидат пренасочени кон клучката за Сингелиќ и Маџари. Во втората фаза, работите ќе се изведуваат на страната од излезот од градот, а сообраќајот ќе се пренасочува кон улицата Благоја Стефковски.

Од претпријатието додаваат дека на терен ќе биде поставена соодветна сообраќајна сигнализација, а ќе бидат ангажирани и редари за регулирање на движењето на возилата.

„Апелираме до граѓаните за трпение и внимателно возење во текот на изведувањето на работите. Сообраќајот ќе се одвива отежнато, но без целосни прекини, а нашите екипи ќе работат согласно предвидената динамика за што побрзо завршување“, велат од ЈП „Улици и патишта“.

Поврзани содржини