ДРУШТВОТО „КРЕДИ ЈЕС“ Е ЗАТВОРЕНО, АМА КРЕДИТИТЕ МОРА ДА СЕ ВРАТАТ Законот не предвидува да им се простат долговите на граѓаните
Граѓаните кои сметаат дека на некаков начин се оштетени од друштвото можат да покренат судска постапка.
Граѓаните кои зеле брзи кредити од финансиското друштво „Креди Јес“, на кое Министерството за финансии му ја одзеде дозволата за работа, треба да продолжат со плаќање на ратите за да не им се пресметуваат камати и да не се задолжат дополнително.
Од Министерството за финансии велат дека Законот за финансиските друштва и другата релевантна регулатива не пропишуваат отпис на долгови, па според тоа задолжените граѓани не можат да сметаат на отпишување на долгот.
Сепак, граѓаните кои сметаат дека на некаков начин се оштетени од друштвото можат да покренат судска постапка.
– Нагласуваме дека граѓаните имаат право да го оспорат договорот за кредит пред надлежен суд, доколку сметаат дека се оштетени од страна на друштвото, односно доколку сметаат дека друштвото прекршува некоја од договорените одредби – велат од Министерството за финансии.
Според Законот за финансиските друштва, по одземањето на лиценцата, друштво не смее да врши финансиски активности, освен оние кои се неопходни за зачувување на имотот на друштвото и наплата на побарувањата. Тоа значи дека „Креди Јес“ не смее да одобрува нови кредити, но може да ги наплаќа постојните побарувања.
По одземањето на лиценцата, друштвото има рок од 15 дена да поднесе жалба, период во кој, според Законот за финансиски друштва треба и да покрене постапка за ликвидација или стечај, по што се постапува согласно Законот за трговските друштва или Законот за стечај.
Од Министерството за финансии објаснуваат дека и во двата случаи – ликвидација или стечај, граѓаните кои се задолжиле во друштвото не треба да чекаат, туку треба да ги подмируваат обврските преземени со договорите.
– И во двата случаја обврските по склучените договори се подмируваат од страна на лицата коишто го склучиле договорот – велат од Министерството за финансии.
Оттаму појаснуваат дека дозволата за работа на финансиското друштво „Креди Јес“ е одземена согласно Законот за финансиските друштва, како резултат на изречени два прекршока во текот на една година.
– Првиот прекршок се однесува на недоставување на финансиски извештај и ревизорски извештај до Министерството за финансии во законски утврдениот рок, со што е постапено спротивно на член 20 став (4) од Законот за финансиските друштва. Вториот прекршок е утврден по пријава од граѓанин, при што е констатирано дека друштвото погрешно ја пресметувало годишната стапка на вкупни трошоци, поради што таа била повисока од законски дозволениот максимум, спротивно на член 20-а од Законот за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити – појаснуваат од Министерството за финансии.
Согласно Законот за финансиски друштва, финансиското друштва во рок од 15 дена од денот на прием на решението за одземање на дозволата за работа има право да поднесе жалба.
Со одземањето на лиценцата, се затвораат околу 40 филијали на „Креди Јес“ низ државата, а без работа остануваат повеќе од 100 работници.
„Креди Јес“ беше дел од пазарот на финансиски услуги од 2019 година.