ЃОРЃИЕВСКИ И ГЕРАСИМОВСКИ ВО ЕДЕН ГЛАС Матурантите од домот „11 Октомври“ добија силна поддршка

Во ЈУ Детски дом „11 Октомври“ се одбележа матурата на четворица матуранти и една полуматурантка, со пораки за поддршка и доделени ваучери за возачки испит.

239

Во емотивна и симболична атмосфера, во ЈУ Детски дом за деца без родители и родителска грижа „11 Октомври“ – Скопје, денеска се одбележа полуматурата и матурата на четворица матуранти и една полуматурантка, во присуство на градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, и заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски.

Настанот беше исполнет со силни емоции, пораки за поддршка и охрабрување, како и конкретни мерки за помош на младите кои го завршуваат своето образование во домот.






Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, им порача на матурантите да бидат горди на својот пат и да веруваат во својата иднина.

– Честита матура и многу успех во животот. Секогаш ќе бидам покрај вас. Матурата е голем чекор – чин на растење, труд, надеж и нови почетоци. Но денес има уште подлабоко значење. Таа е доказ дека со љубов, грижа и поддршка секое дете може да ја изгради својата приказна. Секое дете заслужува да расте со сигурност и топлина. Горди бидете на секој ваш чекор. Пред вас е животот – верувајте во себе“ – порача Ѓорѓиевски.

Тој додаде дека „сите деца се наши деца“ и дека институциите имаат обврска континуирано да стојат зад нив.

– Нашата грижа не завршува со еден настан, туку продолжува преку дела, поддршка и вистинска посветеност – истакна градоначалникот.

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, истакна дека локалната самоуправа мора да биде активен поддржувач на младите во процесот на нивното осамостојување.

– Овие млади луѓе заслужуваат поддршка и поттик на нивниот пат кон самостоен живот. Нашата обврска е да бидеме тука за нив и да им покажеме дека не се сами – изјави Герасимовски.

Тој информираше дека Општина Центар обезбедила ваучери за полагање возачки испит за четири матурантки од домот, како конкретна помош во нивниот понатамошен развој.

На настанот присуствуваа и претставници на Здружението на пензионери на Општина Центар, како и членови на Активот на жени пензионерки, кои дадоа дополнителна поддршка на младите.

Свеченоста се одржа во ресторанот „Дион“ во Центар, а беше проследена со многу емоции, насмевки и пораки за успешна иднина на матурантите.

Поврзани содржини