ХРВАТСКА ВОВЕДЕ НОВИ ПРАВИЛА НА ГРАНИЦИТЕ Што може да внесете без да платите царина?

Патниците не треба да поднесуваат скратена декларација за личниот багаж, но мора да ги почитуваат вредносните лимити за ослободување од царина и ДДВ. Лимитот е 430 евра за патници во авионски и поморски сообраќај, 300 евра за патници во патен и железнички сообраќај и 150 евра за патници помлади од 15 години.

1

Хрватска од почеток на месецов почна целосно да ги применува на новите европски правила за внесување стока во ЕУ преку патен и железнички сообраќај. Овие правила најмногу ги засегаат превозниците и компаниите, но за патниците од Македонија важни се строгите царински ограничувања за храна, цигари, алкохол и вредност на личниот багаж.

Што се однесува до превозниците и компаниите кои влегуваат во Хрватска која се смета за влезна граница во ЕУ, тие ќе треба да поднесат скратена декларација за влез. Оваа декларација се поднесува пред стоката да пристигне на границата. За патниот транспорт рокот е најмалку 1 час пред пристигнување на граничниот премин. Во железничкиот транспорт, исто така, е  1 час пред пристигнување ако патувањето од последната станица во трета земја трае помалку од 2 часа, односно 2 часа пред пристигнување во сите други случаи. Обврската за поднесување декларација првенствено е на  превозникот, но може да ја поднесе и примачот на стоката или овластен претставник, доколку има активен EORI број.






Патниците не треба да поднесуваат скратена декларација за личниот багаж, но мора да ги почитуваат вредносните лимити за ослободување од царина и ДДВ. Лимитот е 430 евра за патници во авионски и поморски сообраќај, 300 евра за патници во патен и железнички сообраќај и 150 евра за патници помлади од 15 години.

Патниците кои доаѓаат од земји надвор од ЕУ, вклучително и Македонија, не смеат да внесуваат месо, млеко, ниту месни и млечни производи. Дозволени се ограничени количини одредени производи, како мед, јајца, храна за бебиња и специјална храна за миленичиња, доколку се за лична употреба.

За полнолетни патници во патен сообраќај важат и ограничувања за акцизни производи. Дозволено е внесување до 40 цигари, еден литар силен алкохолен пијалак или два литра пијалак до 22 отсто алкохол, како и четири литри вино и 16 литри пиво.

Ослободувањата за тутунски и алкохолни производи не важат за лица под 17 години.

Леб, бисквити, чоколадо, тестенини, додатоци во исхраната и слични производи што ги исполнуваат пропишаните услови може да се увезат без посебни количински ограничувања за лична употреба.

Производите што ги надминуваат дозволените количини подлежат на ветеринарен преглед и мора да бидат придружени со соодветна документација

Непријавените производи што ги надминуваат дозволените количини може да бидат одземени, а патникот да се соочи со казна.

Поврзани содржини