🎥 ЖЕНА НОСЕЛА РАЧНА БОМБА КОЈА ЕКСПЛОДИРАЛА ПРЕД ИТАЛИЈАНСКИ РЕСТОРАН ВО МОСКВА Тројца загинати и 21 повреден, целта била руски генерал?
Локални руски медиуми, објавија дека бомбата била наменета да убие и осакати гости на летната тераса од ресторанот, каде славел роденден генерал Александар Чаико, командант на руските воздухопловни сили.
Три лица загинаа, а најмалку 21, според последните информации, се повредени во експлозија што синоќа избувна во близина на едно кафуле во центарот на Москва, потврди руското Министерство за внатрешни работи.
Полицијата соопшти дека експлозијата се случила во близина на италијански ресторан лоциран во една од познатите седум згради од сталинската ера на плоштадот Кудринскаја, од рачно изработена бомба што ја носела жена.
Според рускиот антитерористички комитет, а пренесено од државната агенција РИА, неидентификувана жена се обидела да влезе во ресторанот „Балзи Роси“, но била сопрена од работник од обезбедувањето. Во експлозијата што уследила, животот го загубиле жената, работникот од обезбедувањето и еден гостин на ресторанот.
🇺🇦🇷🇺 #UPDATE | New footage has emerged from the scene. Reports indicate the main target of the Moscow blast was Colonel General Aleksandr Chaiko, Commander of Russia’s Aerospace Forces. The explosion at his birthday party proves even top military brass are no longer safe in… pic.twitter.com/V4ZJNfznA2
— Burak Keskin (@Burak_Keskin85) August 1, 2026
Весникот „Комерсант“, повикувајќи се на сопствени извори, објави дека бомбата била наменета да убие и осакати гости на летната тераса од ресторанот, каде славел роденден генерал Александар Чаико, командант на руските воздухопловни сили . Според нивните сознанија, експлозивната направа најверојатно била активирана од далечина од друго лице, при што жената што ја носела можеби и не знаела дека носи бомба.
На официјалната веб-страница на ресторанот е наведено дека објектот во саботата бил затворен за јавноста поради приватен настан.
„Московската филијала на МВР работи на местото на инцидентот. Според достапните информации, денеска околу 20:10 часот по локално време се случила експлозија во близина на летна бавча на кафуле, во која три лица загинаа, а 15 се повредени“, изјави синоќа претставник на МВР.
„Во врска со инцидентот што се случи во зградата на Кудринскиот плоштад во Москва, истражителите и криминолозите од Главната управа на Истражниот комитет работат на лице место. Во тек е увид“, се наведува во соопштението.
Помошникот министер за здравство Алексеј Кузњецов изјави дека на повредените им била укажана медицинска помош.
„Жртвите од експлозијата во ресторанот во Москва ја добиваат сета потребна медицинска нега“, им изјави тој на новинарите.