📽️ „ЌЕ СЕ ВРАТИМЕ“, ПОРАЧАА ВУЧИЌ И ОРБАН Средба на двајцата лидери по изборните порази

Поранешниот српски претседател Александар Вучиќ и поранешниот унгарски премиер Виктор Орбан се сретнаа во Белград, испраќајќи пораки за пријателство, достоинство и политичко враќање.

49

Поранешниот српски претседател Александар Вучиќ денеска во Белград го пречека поранешниот унгарски премиер Виктор Орбан, а нивната средба беше придружена со пораки дека, и покрај изборните порази, не се откажуваат од политичката борба.

Двајцата политичари годинава ја загубија власта на парламентарните избори, по 14 години на власт во Србија и 16 години во Унгарија, соодветно.






Вучиќ го угостил Орбан во куќата на своите родители во околината на Белград. Во видеоснимка објавена на Инстаграм, тој го нарекол свој голем пријател и брат и порачал дека изборните порази не им ги одзеле достоинството, гордоста и вербата.

– И двајцата неодамна загубивме на изборите, но не ги загубивме своето достоинство, гордоста ниту вербата. Добредојде, Викторе – порача Вучиќ.

 

Орбан му возвратил дека вистинските пријатели стануваат уште поблиски во тешките моменти.

Тој нагласил дека останува посветен на добрите односи меѓу Србија и Унгарија и на соработката меѓу двата народа.

– Можеш да бидеш сигурен, Александре, дека секогаш сум на твоја страна – рекол Орбан, посакувајќи му успех на Вучиќ, на неговото семејство и на српскиот народ.

На крајот од средбата следувала порака што веднаш привлече внимание.

– Ќе се вратиме! – порача Вучиќ, по што двајцата политичари се прегрнале.

Средбата доаѓа по изборните порази на двајцата долгогодишни лидери, кои преку пораките од Белград јавно покажаа дека нивното политичко сојузништво и пријателство продолжува и во период кога веќе не се на власт.

Поврзани содржини